Средното општинско училиште „Јане Сандански“ од Штип е победник на првиот национален турнир за средношколци во друштвената игра „Изборологија“.
Се работи за онлајн друштвена игра која симулира вистинско сценарио за парламентарни избори во нашата земја, дозволувајќи им на играчите да ги контролираат политичките партии и да се натпреваруваат за гласови. Нејзината примарна цел е да ги образува младите во С. Македонија за сложеноста на политичкиот систем, а со тоа да поттикне генерација на информирани и совесни гласачи. Самата игра ги претставува сложените политички концепти и процеси достапни и разбирливи за најмладите генерации.
„Играта е многу интересна, посебно за нас младите. Научивме многу повеќе за изборниот процес, како се поделени изборните единици, што е Донтов модел и како се распределуваат гласовите“, изјави Росица Карашова, ученичка од СОУ „Јане Сандански“ Штип.
На првиот национален турнир кој е во организација на здружението ЛЕАД во соработка со Фондацијата Конрад Аденауер учествуваа 10 средни училишта од целата земја.
„Политичкото образование е многу малку застапено низ предметите во образовниот систем, а дополнително политичките теми и изборите се уште се непопуларни и се избегнувани од страна на младите. Затоа преку Изборологија сакаме да им го доближиме политичкиот систем на учениците, но и да им овозможиме на наставниците да имаат алатка која ќе можат да ја користат за време на часовите“, изјави Илија Станковски, програмски директор на LEAD.
По завршувањето на турнирот, победничкиот тим од СОУ „Јане Сандански“ од Штип оствари средба со претставници на организаторите и од Парламентарниот институт кои им овозможија едукативна обиколка на Собранието на Северна Македонија, запознавајќи ги поблизу со законодавниот дом.
Од Здружението LEAD информираат дека на 29 февруари 2024 ќе се одржи нов национален турнир во друштвената игра за политичка едукација Изборологија, на кој учество ќе земат 10 нови училишта, а за тимот на училиштето што ќе победи на националниот турнир следува награда од 10.000 денари.