Ученици повикани на бојкот на настава, родители собираат потписи против Законот за дигитални учебници

Доцна ноќеска на средношколци им биле праќани пораки за денеска да ја бојкотираат наставата, поради новиот Закон за учебници со кој се воведуваат електронски учебници за учениците, на сметка на досегашните, од хартија.

„Се ширеше ваков „муабет“ дека можеби ќе се бојкотира во врска со дигиталните учебници, но не мислам дека се организираше сето тоа бидејќи доцна пишаа. Кај нас само се сподели информацијата, но не се „договаравме“ за бојкот или нешто слично“, вели за Радио МОФ матурантка од скопската гимназија „Орце Николов“.

Сепак, по социјалните мрежи се шират објави дека ученици од Струмица, Кратово, Скопје денеска ја бојкотирале настава, со цел да повикаат да не биде донесен законот.

Од „Сојузот на средношколци“ пак објаснуваат дека тие не организирале бојкот, туку сметаат дека одредени групи манипулираат со јавноста.

„Наш став е дека секој ученик треба да го има правото да избере од каков учебник сака да учи. Но, ваквите повици за бојкот ги манипулираат и им штетат на средношколците. Многу ученици денес беа изманипулирани од страна на ваквите групи без да знаат за што точно се бојкотира или кој го организира тоа, затоа ги повикуваме образовните власти да ги оправдаат изостаноците“, стои во реакцијата на Сојузот.

Група родители пак денеска пред Министерството за образование, во периодот од 10-14 часот поставија пункт каде собираат потписи против предлог законот. Појаснуваат дека им се потребни минимум 100 потписи за барањето да влезе во Собрание и да се стопира гласањето на законот. Освен стопирање на Законот тие бараат јавна расправа и дебата за измените, но и директно и непосредно учество на стручни лица и претставници на групата граѓани во ревизија и интервенции во Законот.

„Законот не ги решава проблемите кои се актуелни во образованието, напротив генерира нови проблеми! Законот има недоследности и импликации во останатите закони кои го уредуваат образованието на национално ниво! Законот не е во интерес на физичкото и менталното здравје на нашите деца и развој на нивниот потенцијал, а непосредно ќе се одрази и на здравјето на родителите, наставниците и останатите инволвирани во образовниот процес“, велат родителите, кои со цел да ја анимираат јавноста за проблемот ја формираа ФБ групата „Учебници и настава мора да има“ која собра околу 70 000 членови.

Од МОН пак остануваат на ставот дека реформата во учебниците го враќа учењето во училница, а наставниците нема да треба да го предаваат учебникот, туку наставниот план кој за прв пат има национални стандарди кои треба да се постигнат како резултати од учење.

„Наставниците многу полесно ќе го подготвуваат часот, полесно ќе оди комуникацијата меѓу наставниците и родителите, наставниците и учениците, затоа што сите ќе имаат пристап до исти дигитални учебници, кои се повикуваат на отворени образовни ресурси. На една платформа ќе биде сé што подготвиле сите наставници“, велат од МОН.

Законот вчера беше повлечен од собраниска процедура. Од Министерството за образование објаснија дека на владина седница законот ќе се усогласува со европските препораки. Критичарите пак сметат дека намерата е да се стави европско знаменце на законот, што значи дека треба да биде донесен во покус рок.

МОН не се откажува од дигиталните учебници, законот се усогласува со европското законодавство

Ј.Ј.