Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“ и годинава собра ученици-раскажувачи од основните училишта Македонија на т.н. „супер финален натпревар“ кој се одржа на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје.
„Раскажувањето е супер моќ која се развива со читање книги и со соодветна поддршка од возрасните прераснува во ораторска алатка која ги подготвува најмладите за идни лидери“, соопштуваат од Фондацијата.
Од таму објаснуваат дека на натпреварот во раскажување приказни учествуваа ученици во две категории: од 3 до 5 одделение и од 6 до 9 одделение. Секој пријавен натпреварувач имаше на располагање бесплатна онлајн обука за јавен говор.
Учеството беше бесплатно, а учесниците се натпреварува во раскажување на македонски јазик на прочитаните книги по сопствен избор, при што задолжителните лектири не се земаа предвид.
„Една од мисиите на Фондацијата е да создава генерации на идни лидери кои ќе бидат носители на развојот во земјата. Книгата ја поттикнува љубопитноста и желбата за знаење кај детето. Уште на почетоците од образованието детето треба да ја совлада вештината на читање на книгата, а ние сакаме таа вештина да им помине во навика. Да се прочита текст, да се разбере и пренесе преку раскажување на околината, ја развива имагинацијата, креативноста и интелектуалниот развој на детето, со што влијае и на неговите резултати во школувањето. Нашата мотивација е да ги поттикнеме младите да стекнат навика да читаат и да ја развијат вештината на вербално изразување“, изјави Александар Марјановиќ, основач и извршен директор на Фондацијата.
Од Фондацијата посочуваат дека самиот натпревар бил во две фази, при што првата фаза е со времетраење од 12 месеци. Во овој период учесниците читаа книги, ги раскажуваа пред врсници, додека родителот ги снима со мобилен и потоа ги доставува снимките.
„Втората фаза е супер финалето кое се одржа на Правниот факултет и учесниците пред публика и жири комисија раскажуваат приказни. На финалниот настан се оценуваа јавниот настап на учесникот преку дикција, интонацијата, флуентност, сценски настап и севкупен впечаток“, соопштија од Фондацијата.
Натпреварот се реализира со одобрение на МОН, во соработка со Правниот факултет „Јустинијан Први“ и со поддршка на Филолошкиот факултет, Факултетот за драмски уметности, Институтите за македонски јазик и македонска литература, Македонската асоцијација на издавачи и Комората на психолози.