Учениците и наставниците денеска одржуваа пробен час преку новата Национална платформа за далечинско учење. Но, уште веднаш се појавија реакции за проблеми при пристапување на самата платформа.
До редакцијата на Радио МОФ пристигнаа повеќе пораки каде ученици споделуваат свои искуства од пробниот час:
„Никој од класот не успеа да се приклучи. Системот падна и денешната проба беше потполно неуспешна“.
„Успеавме после чекање од 30 и кусур минути. Успеавме да се вклучиме само 5 души од вкупно 17, бидејќи нели насоките беа многу фино и уредно дадени. Тоа беше една реченица гласеше вака: „Во календарот имате линк.” Прекрасна насока. И на крај кога се вклучивме само прашаа дали се снајдовме што очигледно пораките и забуните што стигнуваа во групниот чат не им докажаа како се снајдовме, и така поседовме 5 мин и ни рекоа убав ден се гледаме утре во исто време. Прекрасно искуство, со нетрпение чекаме утре колку време ќе треба refresh да правиме.“
„Да, само што се најавив следејќи упатства од видеото. Имаше мал проблем на почетокот, ми пишуваше грешка, но брзо се среди.“
„Сè уште немаме добиено корисничко име и лозинка.“
Според наставничката Александра Блажевска од СОУ „Јан Амос Коменски“ во Скопје и национален обучувач за платформата, проблемите се нормални и нема простор за паника.
„Има проблеми и нормално е да ги има, затоа што платформата мора да се тестира и мора да се оптерети со голем број на корисници. Секое тестирање на било која платформа ги поминува овие чекори и појавувањето на проблемите всушност е добар знак како администраторите тоа да го надминат во случај кога ќе треба да отпочне со реализација“, уверува таа.
Нејзин совет при проблеми со вклучување е корисниците да почекаат десетина минути и да се обидат повторно. Блажевска смета дека вакви проблеми е веројатно да се случуваат и во првата недела од користењето на платформата.
„Никој не очекува дека се’ ќе функционира беспрекорно од самиот почеток, бидејќи е илузорно да се верува во такво нешто“, забележува таа.
Во однос на подготвеноста, Блажевска тврди дека сите училишта се спремни, учениците добиле лозинки, додека пак, за видео предавањата имале позитивни коментари.
„За почеток е доволно наставниците да умеат да си го креираат распоредот, да постават содржина за соодветниот час и да се обидуваат да создаваат домашни. Понатаму како ќе ги совладуваме алатките, ќе можеме да користиме и квизови, тестови и форуми“, вели Блажевска.
Нејзиниот колега од Струмица, наставникот Никола Делевски од СОУ „Никола Карев“, вели дека утринава платформата имала краток прекин додека администраторите на платформата ги внесувале сите ученици.
„Никој нема да биде оставен сам да учи и да сработува“, забележа тој.
Платформата, според Делевски, не е ништо пострашно од тоа што веќе наставниците го користеле изминативе месеци. Сепак, признава дека бара многу поголема подготовка од наставникот и ученикот.
„Наставниците поминаа обука од нивните училиштни обучувачи и сега останува само креативноста на наставникот да се покаже на платформата“, вели Делевски.
Од Министерството за образование и наука велат дека тестирањето е дел од постапката за постигнување на целосна функционалност на платформата, и во тест фазата се детектираат и надминуваат сите предизвици.
„Со цел да обезбедиме потполно функционална платформа до почетокот на учебната година тестирањата продолжуваат и во наредните денови. Исто така, Министерството за образование и наука информира дека во моментов се прават сите подготовки, тестирања и оптимизации на платформата“, стои во соопштението.
Националната платформа за далечинско учење ќе започне официјално да се користи од 1 октомври. Нејзини корисници ќе бидат 260 000 ученици и наставници од целата земја.
Емилија Петреска