Бројот на ученици во средното образование е во слободен пад. Од 85.038 средношколци запишани во учебната 2013/2014 година, во 2016/2017 биле 70.139, што е околу 15.000 помалку ученици на национално ниво. Истовремено, расте трошењето на јавните средства. Јавните набавки во средните училишта за истиот период од 139.242.875 скокнале на 220.837.755 денари, односно за 58 проценти. Околу 15% од набавките се за компјутерска опрема и нагледни помагала.
Ова го покажува истражувањето на Институтот за стратешки истражувања и едукација (ИСИЕ) – „Помалку ученици, поголеми трошоци: како до потранспарентно трошење на јавните средства во средното образование?“, според чии податоците произлезе и онлајн платформата „Будно око“.
Од ИСИЕ потенцираат дека во 2014/2015 имало 7.131 наставник, додека до 2017 таа бројка е 7.021, што е пад за само 1,54 отсто. Ненаставниот кадар, пак, е зголемен за 2,9%.
„Не навлегувавме многу во причините за трендот за намалување на учениците, но од една страна ги констатиравме демографските причини, особено што средното образование е задолжително. Освен во Скопје, во сите други општини е намален бројот на ученици“, вели Дарко Спасевски, вонреден професор на факултетот „Јустинијан први“, потврдувајќи дека со ваквиот опаѓачки тренд постои ризик во еден момент да биде загрозена позицијата на наставниците, зависно како ќе се лоцираат тие за да се оствари поквалитетно образование.
Студијата укажува на неефикасно планирање на расположливите средства во училиштата. Големи се разликите и во делот на сопствени приходи, надвор од буџетирањето. Многу малку школи се снаоѓаат да дојдат до свои извори.
Во Скопскиот регион, АСУЦ „Боро Петрушевски“ е на врвот и на листата со најмногу сопствени приходи – 68.177.824 денари. Второ е СУГС „Лазар Танев“ со 7.230.965, а потоа „Илија Николовски Луј“ – 7.129.452, „Здравко Цветковски“ – 6.397.900 и „Арсени Јовков“ со 4.905.321 денари.
Исто така, истражувањето покажува евидентна разлика меѓу планските региони за средствата потрошени по ученик за јавни набавки, комунални услуги, греење, комуникација и транспорт.
Понатаму, во голем дел, општините не се транспаретни во трошењето на јавните средства. Кај родителите, учениците и медиумите изоставуваат податоци за финансиите.
„Средни училишта во рамки на 11 општини не одговориле на барањата за пристап до информации од јавен карактер, што доведува до заклучок дека треба да поработиме на дигањето на јавната свест. Односно на она што треба да биде достапно и транспаретно за сите граѓани на РМ, особено кога во прашање се јавни пари“, рече Лилјана Пецова – Илиевска од Метаморфозис, партнер и координатор на проектот.
Според Пецова – Илиевска, ваквите податоци треба да поттикнат дебата помеѓу управителите од училиштата и надлежните институции, но и меѓу учениците и родителите за да се организираат преку различни комисии и совети.
„Се надеваме во следниот период, кога се очекува поголемо вклучување на младите во одлуките во средното образование, да им дадеме показател и информации каде, како и зошто се трошеле парите во нивното училишта“, рече таа.
Од ИСИЕ забележаа дека од 1995 година дури 31 пат е менувана законската рамка за средното образование. Тоа е еден проблем за размислување. Друг е капацитетот на менаџирање на органите на управување на средните училишта. За родителите, пак, се препорачува активно да го поддржат концептот на партиципативното буџетирање и негово инкорпорирање во образовниот систем.
„Покрај контролата на транспарентноста на трошењето, овој концепт ги развива и вештините на нивните деца и ќе им овозможи да успеат како професионалци во нивните идни кариери“, стои како препорака во истражувањето на ИСИЕ.
Бојан Шашевски