Група ученици од Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ од Битола, кои се дел од ликовната група „Мал Битолски Монмартр“ утре во периодот од 10 до 13 часот ќе сликаат пред Министерството за образование и наука во знак на протест бидејќи по 30 години им е прекината финансиската поддршка.
Претседател на управниот одбор на Студиото, Славчо Неделковски, вели дека со ваквиот вид протест сакаат да апелираат за враќање на статусот на Детско ликовно студио “Свети Кирил и Методиј” Битола кое по 30 години нема да има поддршка од страна на Министерството за образование и наука на Македонија, со што 55 годишната организација ќе мора да биде затворена а светскиот детски ликовен бренд “Мал Битолски Монмартр” по 41 година прекинат.
„На годишно ниво ние акумулираме 500 пратки од исто толку школи од 55 држави од цел свет кои содржат 25.000 детски цртежи – реализираме детска ликовна колонија која е светски бренд – реализираме учество на над 20 светски детски конкурси и 10 светски детски ликовни колонии од Хонг Конг [Кина] до Португалија од кои шест се наш бренд и бесплатно едуцираме 80 млади ликовни таленти“, објаснува Неделковски.
Управниот одбор исто така одлучил и членовите во сабота да сликаат на централната пешачка зона во Битола на Широк Сокак за собирање донации за работен материјал и почеток на распишување на Конкурсот за 41. Светска детска ликовна изложба “Битола 2023”.