„Учесниците во настанот што се случил во петокот во ООУ „Ѓорѓија Пулевски“ во ниту еден момент немале намера некого да повредат“, констатира Државниот просветен инспекторат во записникот од извршениот вондреден инспекциски надзор во училиштето, соопшти Општина Аеродром.
Од општината информираат дека на директорот и стручната служба им е укажано да продолжат со организирање едукативни предавања и работилници за безбедно однесување на учениците. На раководството му било укажано да преземе мерки за утврдување работни должности на наставниот кадар во однос на дежурства и активности што се реализираат на одделенски час.
„Веднаш по настанот, од страна на раководството на училиштето се преземени сите мерки и активности за расчистување на случајот, согласно со законот. Понатаму, изречени се педагошки мерки за несоодветно однесување на учениците, одржани се одделенски совет и вондредна родителска средба. Исто така, психологот на училиштето ќе организира советување за учениците и родителите“, информираат од општината.
Ученици „летаат“ низ прозори – Насилството дел од македонското секојдневие
Минатата недела, во основното училиште во Аеродром, ученици фатиле 14-дишна соученичка и ја натерале да скокне од прозорот, на приземјето на училиштето. Девојчето се повредило, а случајот беше пријавен во полиција. Како што тврдеше директорот на училиштето, не се работи за меѓуврсничко насилство, туку за „детска“ игра што учениците ја играле неколку недели.