Поддршката на учениците од ранливите групи во образованието не е суштинска и квалитетна – многу од децата и натаму се оставени да се снаоѓаат во неинклузивниот образовен систем, што носи исклучително негативни последици, покажуваат анализите на граѓанскиот сектор.
Според истражувањето на Фондацијата отворено општество Македонија (ФООМ), за образованието на учениците со ниски постигања, како дел од проектот „Програма за образование на Роми“, ко-финансиран со Детската фондација „Песталоци“, училиштата се оставени самите на себе да се справат со сериозните општествено-економски проблеми.
„Такви се бројните случаи на малолетнички труд или повеќемесечните отсуства на ученици заради барање азил во други земји, од страна на нивните родители. Училиштата во многу случаи немаат механизми и инструменти како да обезбедат редовност, а со тоа и успех на учениците. Голем проблем претставува и начинот на кој се оценуваат учениците. Дури 78,4% од наставниците вклучени во анализата одговориле дека „често или многу често начинот на оценување го приспособуваат на нивото на знаење на учениците“. Ова претставува исклучително штетна практика која создава затворен круг на однесување“, се вели во анализата.
Наставникот во ОУ „Браќа Рамиз и Хамид“, Даниел Петровски за Радио МОФ вели дека е потребно наставниците да обрнат повеќе внимание кон децата, бидејќи заради цврстото држење до наставните планови, понекогаш се заборава на учениците.
„На пример не може именки да се учат за еден час и веќе следниот да се учат глаголи, ако сите ученици не ги совладале именките. Наставниците мора да применуваат повеќе интерактивна комуникација и да имаат поголема отвореност но и да ги прилагодат наставните и годишните планови на учениците. Исто така малку се работи на зголемување на свеста на родителите за редовно следење на успехот на нивните деца во училиштето“, вели Петровски.
Истражувањата на ФООМ, покажуваат дека дел од учениците од ранливите групи одат на дополнителна настава со очекување само заради тоа да добијат преодна оценка, а наставниците, пак, за овие ученици ги снижуваат критериумите за оценување.
Според Бирото за развој на образованието, учениците од ранливите групи ја следат наставата согласно наставните програми за општата популација, но прилагодени на нивните индивидуални потреби, способности и интереси.
„Доколку овие ученици, не можат да ја следат динамиката на врсниците во паралелката за нив се изготвува посебен индивидуален образовен план. Исто така, и за овие ученици може да се планира и организира и дополнителна настава. За успешно организирање на дополнителната настава потребно е навремено и континуирано следење на постигањата и напредувањето на учениците, како и јасна разработка на целите, содржините и формите на работа во дополнителните програми што ги нуди училиштето. По потреба, се изготвуваат и индивидуални активности кои придонесуваат за оптимален развој на учениците од сите ранливи групи“, велат од Бирото за развој на образованието за Радио МОФ.
За надминување на некои од проблемите, граѓанските организации препорачуваат предучилишното образование да биде бесплатно и задолжително, барем во последната година пред почетокот на училиштето, но и да се обезбедат широка лепеза на активности кои ќе овозможат поголема инклузија на учениците од ранливите групи.