Министерството за образование и наука изготви две програми за советување на учениците во основните и во средните училишта, соопштија од МОН.
Прв чекор е идентификување на учениците што имаат некој проблем, а вториот е ученикот да се упати кај училишниот психолог на советување кое може да биде индивидуално или групно.
Во програмите се прецизирани техники, правила и рокови на советувањето, а завршениот процес се документира со пополнување пропишани обрасци. Главна цел е да се надмине проблемот со кој се соочува некој ученик – нередовност (ако има повеќе од 10 неоправдани или 100 оправдани отсуства од настава), манифестирање несоодветно однесување или слаби оценки, пренесува МИА.
„Програмите за советување ќе придонесат за јакнење на воспитната улога на психолошко-педагошките служби во училиштата, пред се на наставниците како клучна алка во воспитно-образовниот процес, затоа што тие се лицата кои поминуваат најмногу време со учениците и први ги детектираат симптоматичните однесувања кај нив, а потоа пристапуваат кон надминувањето на одреден проблем или причина која предизвикала негативен ефект во процесот на нивната едукација. Програмите веќе се објавени во Службен весник и се стапени во сила“, рече на прес-конференција министерот за образование и наука, Спиро Ристовски.
Според него, минатата учебна година биле реализирани 6.900 советувања на ученици за различни видови проблеми.