Училиштата не се спремни за далечинско учење, најпогодени учениците од руралните средини и со посебни потреби

Тековната криза пoкажа дека образовните институции не се подготвени за далечинско учење, анализираат од Сојузот на средношколци. Според нив, пандемијата и затворањето на училиштата уште еднаш ги покажа сите маани и недостатоци на образовниот систем.

Додека приватните училишта веќе во голема мера користеа интернет платформи за реализирање часови пред кризата, во јавното средно образование, особено во руралните средини, платформите за далечинско учење не беа доволно искористени, сметаат од Сојузот. Оттаму забележуваат дека нема стандардизација и дека недостасуваат јасни насоки од Министерството за образование и наука како да се одвива онлајн наставата.

„Тие што живеат во руралните средини или пак тие кои имаат посебни потреби за учење се најпогодени. Голем број училишта во Северна Македонија не користат Zoom или други платформи за конференциски повик со опција за видео, односно за онлајн видео-часови. Наместо тоа користат Google Classroom, Edmodo, Viber и тие го испраќаат материјалот за учење во PDF формат, што води до нееднаквости во образованието. Не постои единствена платформа која се користи на национално ниво за далечинско учење во земјава и многу наставници користат различни платформи. Навистина збунувачки е средношколците да користат повеќе од две платформи за учење истовремено. Употребата на платформи кои се во приватна сопственост може да претставува опасност за автентичниот јавен карактер на образованието, со сè уште нејасни последици врз сопственоста на содржината и заштитата на податоците“, забележуваат од Сојузот на средношколци.

Но, покрај техничките предизвици, во нивната анализа стои и дека средношколците се под притисок и се чувствуваат преплавено поради бројните домашни задачи кои ги добиваат, а со кои како што велат, често треба да се справат сами.

„Не сите средношколци имаат пристап до потребната опрема за извршување на домашните задачи, ниту пак добиваат исто ниво на поддршка од дома, факт кој дополнително води до нееднаквости. Исто така, од страна на средношколците е изјавено дека голем број наставници не реагираат и не коментираат на извршените обврски и домашните задачи изработени од средношколците. Ова
значи дека средношколците не добиваат повратни информации за својата работа“, стои во анализата на средношколскиот сојуз.

Образовните институции да инвестираат во развивање на капацитетот на наставниците

Обуки за наставниците кои ќе им помогнат да се прилагодат на новата наставна околина и да ги развијат своите вештини за
предавање преку интернет, бараат од Сојузот на средношколци. Оттаму сметаат дека досегашниот недостаток на инвестиции во дигитализацијата прави да е уште покомплицирано ефикасното менување на методи и алатки.

„Не сите наставници и средношколци ги имаат потребните финансиски средства за да си ја овозможат потребната опрема за да учествуваат во процесот на далечинско учење. Нашата влада не го зема предвид психолошкото влијание на оваа криза врз наставниците, средношколците, практикантите и нивните семејства, особено имајќи ги на ум ограничувањата на услугите за ментално здравје, произлезени од мерките за социјално дистанцирање“, велат од Сојузот.

Поради ова, тие порачуваат образованието да остане јавно и независно и да се избегне монопол на приватна интернет платформа за предавања и оценување. Потоа, при изборот на платформа за онлајн учење, образовните власти да посветат најголемо внимание на средношколците со посебни потреби и да обезбедат инклузивни алтернативи за учење.

„Средношколците кои немаат пристап до потребните уреди или до интернет мора да бидат поддржани со конкретни мерки за целосно вклучување во процесот на учење. Министерството за образование треба да им даде на училиштата јасни упатства за содржината што треба да се предава преку интернет и за тоа како да се спроведат проценки за да се постигне одредено ниво на стандардизација барем во рамките на една земја и да се намалат тековните нееднаквости“, препорачуваат од Сојузот на средношколци.

Баланс помеѓу екранот и „офлајн“ животот

Од Сојузот на средношколци бараат училишните институции, особено психолозите, да се подготват за зголемувањето на сајбер-булингот и да ги спроведуваат сите потребни мерки за да се спречи оваа појава.

„Образовните институции во нашата држава треба повеќе да инвестираат за да обезбедат соодветна адаптација на наставниците
за предавање во новата средина на учење. Образовните институции треба да обезбедат платформи за интеракција меѓу наставниците и средношколците со цел да го одржат во живот социјалниот аспект на наставата и учењето и да го минимизираат негативното влијание на социјалната изолација врз средношколците. Исто така, треба да се постават интернет платформи за соработка, што ќе им овозможат на наставниците да ги споделат своите ресурси и да даваат и добиваат повратни информации од своите колеги“, забележуваат од средношколскиот сојуз во својата анализа.

Од позитивните забелешки, пак, тие откриле дека „ТВ-училницата“ е интересна и ефективна мерка за учениците, бидејќи не додава дополнителни трошоци за средношколците и нивните семејства, но предлагаат да се прилагоди распоредот и да се применува не само кај основците, туку и кај средношолците.

„Ниту една одлука за нашата иднина не може да се донесе ефективно без вклучување на средношколците.. Ученичките организации треба да бидат консултирани во сите можни форми. Соработката меѓу чинителите во училиштата во овој момент треба да биде врвен приоритет. Средношколските училишни синдикати треба да добиваат постојана поддршка од институциите и засегнатите страни за да ги заштитат своите активности и да продолжат активно да придонесуваат за нашето демократско општество“, сметаат од Сојузот на средношколци.

Според нив, државата треба да се подготви за новата состојба наесен и целосно да се инвестира во создавање на нова визија за образование во време на неизбежна криза или вонредни состојби.

Емилија Петреска