Стотици училишта во Англија се подготвуваат да ја прошират традиционалната наставна програма со нов предмет: свесност.
Во 370 англиски училишта, учениците ќе почнат да практикуваат свесност како дел од студија за подобрување на менталното здравје на младите, соопшти британската Влада.
Тие ќе работат со експерти за ментално здравје за да научат техники за релаксација, вежби за дишење и други методи кои ќе им „помогнат да ги регулираат своите емоции”, се вели во соопштението на Владата.
Целта на програмата е да се проучат кои пристапи најдобро функционираат за младите луѓе во свет на брзи промени. Владата вели дека студијата, која ќе трае до 2021 година, е една од најголемите од ваков вид во светот.
„Како општество, ние сме многу поотворени за нашето ментално здравје од кога и да е порано, но современиот свет донесе нови притисоци за децата“, изјави британскиот секретар за образование Дамјан Хиндс.
Децата ќе почнат постепено да се запознаваат со прашањата околу менталното здравје, благосостојбата и среќата уште од почетокот на основното училиште.
Иницијативата доаѓа неколку месеци откако анкета нарачана од Националната здравствена служба покажа дека едно од осум деца во Англија на возраст меѓу 5 и 19 години страдало од најмалку едно ментално растројство до моментот на нивното проценување во 2017 година.
Истражувањето, кое беше објавено во ноември, исто така покажа мало зголемување на менталните нарушувања кај децата од пет до 15 години, кои во 2017 година се зголемиле на 11,2 проценти, од 9,7 проценти во 1999 година. Нарушувања како анксиозност и депресија се најчести, и тие во 2017 година биле регистрирани кај едно од 12 деца и рани адолесценти, и почесто се јавувале кај девојчиња.
Имран Хусеин, директор за политика и кампањи во британската добротворна организација Акција за децата, состојбата ја нарече „криза во менталното здравје кај децата“.
„Секој ден нашите тимови гледаат деца и тинејџери кои се борат да се справат со тоа како тие се вклопуваат во се посложениот современ свет – се спротивставуваат на работи како што се интензивен притисок на училиште, малтретирање или проблеми дома, и сето тоа додека се бомбардирани од социјалните медиуми“, рече тој.
Програмата вклучува неколку тактики, вклучително и обука на наставниците за одржување вежби со играње разни улоги, вежби за релаксација, а ќе бидат поканувани и професионалци за групни дискусии.