Училиштето „Видое Подгорец“ од Струмица доби сензорна соба

Стимулативни содржини во сензорната соба на ООУ „Видое Подгорец“ во Струмица од денес ќе може да се обезбедува за педагошка поддршка за учениците со образовни потешкотии.

Тим лидерот на Регионалниот проект за социјални права на ранливите групи (SoRi II), Мајкл Самец истакна дека поддршката на најранливите категории е еден од приоритетите во соработката на Германија со земјава што ја спроведува ГИЗ.

„Во таа насока е и оваа поддршка за целосно опремување на сензорната соба. Се надеваме дека преку обезбедување на еднакви услови за образование и развој на децата со попреченост ќе придонесеме кон подобрување на инклузивноста во образовниот процес во Северна Македонија и ќе послужиме како пример за други училишта и општини”, рече г-дин Самец. Тој додаде дека ГИЗ во соработка со Општина Струмица и една локална организација наскоро ќе започнат со социјално мапирање фокусирано на лицата со попреченост, a сѐ со цел да се помогне на општината во креирање на ЛНОБ (Leave No One Behind) сензитивни политики.

Според Душан Томшиќ од Министерството за образование и наука, се преземаат сериозни чекори за подобрување на пристапноста и достапноста на образовниот систем за сите ученици, со посебен акцент на учениците со попреченост, за кои се потребни континуирани инвеастиции како во инфраструктурата, дидактичките помагала и секако вложување во знаењата на наставниот кадар и стручните соработници.

„Во насока на унапредување на процесот на инклузија, сакаме да информираме дека во тек е реализација на Проект за непречен пристап во 14 образовни институции низ државата, шест основни училишта, четири средни и четири факултети преку Акциската програма на 2019-ИПА 2 – EU for inclusion. Градежните активности треба да започнат во текот на месец февруари 2022 година“, истакна Томшиќ.

Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов вели дека постоењето на оваа сензорна соба во „Видое Подгорец“, каде се образуваат 892 ученици, е од огромна важност за општина Струмица.

„Сензорните соби нудат стимулација на учениците со попреченост во заштитена и контролирана средина, во која преку индивидуална работа со 25 деца, колку што имаат потреба во моментов во ова училиште ќе се овозможи развој на нивните потенцијали и активно вклучување во воспитниот и едукативниот процес“, изјави градоначалникот на Струмица, г-дин Костадин Костадинов.

Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ има за цел да обезбеди рамноправна вклученост на децата со попреченост во редовните основни училишта. Со создавање на пристапни и стимулативни средини за учење, училиштата опфатени со проектот стануваат места со еднакви можности за образование за сите деца.

„Со отворањето на шестата сензорна соба во рамки на проектот ‘Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран’, финансиран од Европската Унија, придонесуваме секое дете да добие пристап до квалитетно образование. Сензорните соби ги опремуваме со разновидна опрема која им обезбедува на учениците визуелна, аудитивна и тактилна стимулација при учењето, како и подобрување на фината и грубата моторика“, рече Елена Мишиќ од Фондацијата „Чекор по чекор“.

Инаку, оваа сензорна соба се реализира со поддршка на Германско друштво за меѓународна соработка (ГИЗ).