Од Туристичко-угостителската комора на Македонија (ТУК) најавуваат дека од понеделник, 20 април, угостителите ќе излезат на протест и ќе останат пред институциите додека не бидат исполнети барањата за спас на нивниот сектор.
Тие денеска, на пресконференција, соопштија дека финансиската поддршка која се обезбедува нема континуитет и дека угостителскиот сектор се соочува со бројни предизвици кои не им овозможуваат приходи за покривање на основните трошоци.
„Се бара помош за сите угостителски објекти, секој е подеднакво важен и не смее некој да остане без неопходна помош во овие најтешки периоди за угостителството, затоа од понеделник 20 април излегуваме заедно како сектор на протести и ќе останеме пред институциите, се до моментот додека нашите барања не бидат во целост прифатени“, изјави Мартин Ангеловски, потпретседател на ТУК.
Од оваа комора бараат еднократна финансиска помош за регистрираните угостителски објекти на кои повеќе од една година им е забранета примарната дејност со уредба на Влада. Од ТУК додаваат дека угостителите со месеци немаат никаква помош, не само за зачувување на работните места, туку ни за основните трошоци за егзистенција и се под закана за губење на домовите и објектите од банки и извршители.
„Не постои континуитет на економските мерки со цел задржување на работните места и опстојување на деловните субјекти, а веќе ни основна помош не е доволна за да преживеат луѓето кои работат во овој сектор. Цела година сме предмет на јавно линчување иако помошта која ја добивме беше минимална и обременета со многу критериуми. Угостителскиот сектор од 14.03.2020 година, се до денес работи под бројни рестриктивни мерки, а во одредени периоди и со целосни рестрикции, што без соодветна и навремена поддршка доведе до престанок на деловната активност за многу субјекти во секторот и загуба на многу работни места. Затоа денес Туристичко-угостителската комора, ги презентира барањата за мерки за поддршка на угостителскиот сектор и најавува радикализирање на делувањето кое ќе трае се додека овие мерки целосно не се реализираат“, додава Ангеловски.
Дополнително од ТУК бараат и мораториум или репрограмирање на кредитите од комерцијалните банки се додека Владата не дозволи работа на угостителскиот сектор без рестрикции.
Оваа недела протестираа и организаторите на настани, кои исто така се погодени од пандемијата со коронавирусот. Од Асоцијацијата на ивент индустријата, кои се организатори на собирите, вчера соопштија дека ги замрзнуваат протестите откако била договорена средба со Вицепремиерот за економски прашања.
Тие најавуваат дека обвновувањето на протестите ќе зависи од евентуалното решение кое би се постигнало на средбата во сабота.