Поради промените во Охридска Банка, односно нејзиното присоединување кон Шпаркасе Банка, нејзините корисници добија нови трансакциски сметки. Од Управата за јавни приходи (УЈП) апелираат до граѓаните кои во апликацијата МојДДВ имаат внесено трансакциска сметка од Охридска банка треба да извршат ажурирање на профилот и да ја внесат новата сметка.
„Ажурирањето се врши во самата апликација МојДДВ. Граѓаните на брз, лесен и едноставен начин може да ја сменат трансакциската сметка со тоа што треба да се најават во апликацијата МојДДВ и да го одберат прозорчето профил, кое ќе се отвори и во полето за трансакциска сметка ја впишуваат новата трансакциска сметка и го одбираат прозорчето зачувај. Заради зачувување на измените по извршеното ажурирање ја впишуваат и лозинката на апликацијата МојДДВ“, појаснуваат од УЈП.
Од Управата информираат и дека исплатата на парични средства како дел од ДДВ искажано во фискалните сметки скенирани во тримесечјето април, мај и јуни 2021 година ќе се врши во текот на месец август 2021 г, а заради непречено одвивање на исплатата потребно е навремено ажурирање на податоците.