„Укажувачите се суперхерои“ – новинари и експерти дадоа поддршка на културата за гласно говорење

„Укажувачите се суперхерои. Укажувањето е еден од најефективните начини за разоткривање и борба против корупцијата. Укажувањето значи и слобода на говор, слобода на медиумите, укажувачите се и важен извор на информации за новинарите. Заштита на укажувачите значи заштита на вашите интереси“, е пораката на Aлмерина Ахметај Хреља, експерт за антикорупција од Секретаријатот на Регионалната антикорупциска иницијатива (РАИ).

Таа беше еден од учесниците на конференцијата „Младите ги слават укажувачите“ организирана од Младински образовен форум (МОФ) во соработка со РАИ.

На настанот беа присутни студенти и средношколци, а новинари и експерти зборуваа за искуството во антикорупција, разни пракси, случаи и генерално за важноста на укажувачите (whistleblowers) и културата за гласно говорење.

„Важно е да го зајакнеме укажувањето, да ги охрабриме луѓето и младите да укажуваат за криминал, корупција, неправди, за било какви лоши поведенија“, нагласи Ахметај Хреља од РАИ.

Според неа, за да има систем на укажување, прво треба да има доверлив канал. Затоа што, вели таа, доверливоста на идентитетот на укажувачите е најдобар начин на заштита.

„Следниот услов е да имаме институции, независни, кои ќе ги заштитат укажувачите, но ќе можат да истражуваат и корупција. Треба да има и силни санкции за вршење коруптивни дејствија“, посочи таа.

Таа потсети на разни случаи кои преку укажувачи се откриле цели шеми на компании што избегнуваат даноци, за „Панама пејперс“ за офф-шор фирмите, а го спомена и „Кембриџ Аналитика“ – за злоупотребата на податоци од Фејсбук и влијанието врз изборни резултати.

„Укажувачите помогнаа за сите овие работи. Но, поради недостаток на укажувачи секоја година во ЕУ се губат по 9,6 милијарди евра. Оттука, европската директива воведува добри стандарди, широк спектар на апликативност. Укажувачот не значи само заштита на јавниот, туку и на приватниот интерес. И, не само за коруција, туку дејности за образование, транспорт или животна средина“, посочи експертката за антикорупција од РАИ.

Џерард Рајт, директор на меѓународниот конзорциум за истражувачко новинарство се осврна најмогу на „Панама пејперс“. Од април 2016 протекоа 11,5 милиони документи и финансиски податоци за офф-шор ентитети, а Рајт објасни дека се добиени преку анонимно лице, кое успеало да собере информации од секакви коминикаци, е-мејлови итн.

„Прв пат во историјата влеговме толку темелно во офф-шор светот. Криминалците ги користат офф-шорите за нелегално работење, па имавме сет документи обвиени во велот на тајноста. Премиерот на Исланд се повлече по некое време, по едно објавување беше уапсен и премиерот на Пакистан. Тоа беше голем пробив на укажувањрто, покажавме дека за приказната некогаш е недоволно да работи еден човек, новинар, туку моравме да работиме и тимски“, раскажа Рајт.

За присутните млади, оние што имаат афинитет кон новинарството, даде совет да не се обидуваат веднаш да одат „на врвот“. Прво да научат основни работи, грешки, но не да прават големи грешки. Исто така, дека имаат обврска да се грижат за добросостојбата на укажувачите.

„Не треба да ги спречите да одат во јавност, но сепак е значајно е да се заштитат. Јас преферирам да не се отрие укажувачот, горд сум на фактот дека сите укажувачи (од ‘Панама пејперс’) никогаш не се октриени, туку се Џон До (Лице Х). Исто така, на укажувачите им треба и правна помош, а новинарите не се правници“, потенцираше Рајт.

Важноста да се зборува гласно против неправдите и корупцијата ја нагласи и новинарот Томислав Кежаровски. Раскажа за неговиот случај, затворот, за борбата со која ја водел долг период, посочувајќи дека истражувачкото новинарство не е лесно, ниту наивно.

„Се борев со ветерници. Ако ме прашате – дали беше успешно? Да! Не им преостануваше ништо друго, па мораа да ме замолчат, а за да ме замолчат мораа да ме затворат. Кажав, ‘кожата да ми ја симнете, нема да ви ги кажам изворите’. Тие што ме повредија ми помогнаа да ја откријам мојата издржливост“, посочи тој.

За Кежаровски, храброста не е да имаш сила да одиш понатаму, туку да одиш понатаму и кога немаш сила.

„Од фиока извадија дека наводно сум оддал идентитет на заштитен сведок, што апсолутнно немаше врска. После излегувањето од затвор имав сила да бидам уште повеќе искрен и добив огромна поддршка од граѓаните. Се борев против корупција. Се борев против режим, имав обврска да исполнам подобар живот за сите, како овставштина“, посочи тој.

Кежаровски е убеден дека имаме капацитет да создадеме здрава и нормална држава, европска, рамноправна со сите останати. Но, вели тој – не сакаме. Смета дека заложбите од Шарената револуција требале да послужат како меѓународен пример.

„Може некој нема да се согласи. Народот беше еуфоричен, слободата и правдата беше најдобрата работа што можеше да се направи. Но, кога ќе пројде бурата, луѓето го забораваат дрвото под кое се криеле. Секој пат ќе бидам на страната на вистината, правдата, на помалку моќните. Доколку го кренете гласот, секогаш ќе наидете на отпор. Но, од дното се подигаат храбрите, тоа не е за слаби луѓе. Мирисот на чист образ е најдобриот парфем. Убеден сум дека ЕУ е гаранција за правна и праведна држава, убеден сум дека местото ни е таму“, рече Кежаровски.

Десислава Готскова, раководителка на Секретаријатот РАИ исто ја нагласи потребата од соодветна заштита на укажувачите, особено за младите луѓе. Иако во Македонија е направено доста со регулативата за укажувачи и Антикорупциската комисија, сепак, смета дека „има значителен простор за подобрување“.

„Младите се со поголема веројатност да бидат креативни во нивниот пристап кон решавање проблеми. Нивните антикорупциските напори може да бидат поиновативни, напредно размислуваат и подобро користат современи технологии. Со тоа, ние во Секретаријатот на РАИ заедно со ЕУ и другите партнери, со нетрпение ги очекуваме вашите идеи и да ги претвориме во акции“, рече таа пред младите.

Меѓу другите, пред присутните се обрати и Џулијан Васало од Делегацијата на ЕУ. Тој побара укажувањето да биде охрабрено од целата јавност, тоа е одговорност и на младите, бидејќи иднината им припаѓа на сите нив.

Бојан Шашевски