Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ) на 1 октомври ќе биде домаќин на конференцијата организирана од мрежата „Science|Buisness“ која е посветена на засилено интегрирање на истражувачката инфраструктура од регионот на Западен Балкан кон Европскиот истражувачки простор и можностите за истражувачите, иноваторите и бизнис заедницата.
„Конференцијата посветена на европската интеграција на Западен Балкан, ќе обедини еминентни европски и регионални експерти од областа на креирање политики за интеграција на истражувачките инфраструктури и градење синергија помеѓу иновациите и бизнис заедницата, со цел да истакне како Југоисточна Европа може да ги зајакне своите истражувачки и иновациски капацитети и да ги интегрира во пошироката Европска мрежа“, велат од УКИМ.
Темите ќе вклучуваат одржување, изградба и поврзување на истражувачките инфраструктури во Европа, со фокус на создавање унифицирана и кохезивна истражувачка средина. Панел-дискусиите ќе се фокусираат на подобрување на истражувачките политики и практики во регионот, поттикнување на стратешки партнерства меѓу националните и европските истражувачки инфраструктури и стратегии за справување со предизвикот од „одлив на мозоци“, преку привлекување и задржување на млади таленти во Југоисточна Европа.
„Горди сме што УКИМ е домаќин на оваа значајна конференција која има за цел да ја зајакне соработката меѓу истражувачките институции од Југоисточна Европа и ЕУ. Нашата улога во создавањето на плодна средина за истражувачки и иновациски проекти е клучна за идниот развој на регионот. Како институција, целиме да обезбедиме средина во која нашите млади истражувачи ќе работат тука, дома и ќе имаат услови за научни постигнувања“, изјави ректорката на УКИМ, проф. д-р Биљана Ангелова, која ќе го отвори настанот.
Настанот е отворен за сите заинтересирани страни од полето на науката и иновациите. За регистрација и повеќе информации, посетете го овој линк.