Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ им додели плакети на премиерот Никола Груевски и ректорот на Југозападниот универзитет за финансии и економија од Ченгду, Кина, Зонгуи Жанг за значајни остварувања и придонес во високообразовна научна и културна дејност и за афирмација на УКИМ во земјата и во странство.
Плакетите се делеа поради отворањето на кинескиот Институт „Конфучиј“ во рамките на УКИМ. Премиерот Груевски во својот говор нагласи дека Република Македонија и Народна Република Кина веќе 20 години ги развиваат меѓусебните односи во духот на пријателство, меѓусебно разбирање и за заемно почитување, нагласувајќи дека токму образованието и сите детерминанти што го развиваат се значаен сегмент кој може да придонесе за јакнење на меѓусебните односи.
„По тој повод денес имам огромно задоволство да присуствувам на формирањето на институтот „Конфучиј“ во Македонија чија цел е промоција и поддршка на изучувањето на кинескиот јазик и култура, воспоставување на наставата на кинески јазик во образовните институции, како и зајакнување на заемното разбирање и соработка меѓу граѓаните на Македонија и Кина. Денешниот настан е пример како сите ние можеме да дадеме придонес да се постави и зацврсти насоката на движење и развој на нашето образование, а со тоа и на Република Македонија, истакна Груевски кој очекува дека со отворањето на Институтот „Конфучиј“ македонските граѓани ќе се запознаат со вредностите на конфучијанизмот кој извршил силно влијание на кинеската култура.