Укинати летовите од Скопје до Келн, Копенхаген и Стокхолм

Нискобуџетната авио-компанија од Унгарија, „Визер“ ги укина линиите од Скопје до Келн, Копенхаген и Стокхолм-Скавст.

Скопскиот аеродром на 27 октомври го објави зимскиот распоред на летови каде ги нема овие летови, а тие не се застапени ниту на сајтот на авио-комапнијата.

„Визер“ се повлекува од Келн поради високите цени за услуги и давачки што ги воведе аеродромот Келн-Бон. За да се надомести интересот за тој дел од Германија, компанијата ќе ги зголеми фреквенциите од Скопје за Дортмунд, па така во ноември и декември ќе има летови по шест пати неделно, а во шпицот околу Нова година и Божиќ ќе лета секој ден до овој град во Северна Рајна Вестфалија.

На патниците што летаа за Копенхаген во Данска, сега им останува можноста да летаат до соседниот аеродром Малме во Шведска, но засега „Визер“ не го има зголемено бројот на летови. Стокхолм останува непокриен за патниците што досега летаа до главниот град на Шведска.

Минатата недела министерот за транспорт Александар Николовски за следната година најави шест нови линии на скопскиот и охридскиот аеродром.

Два пати неделно ќе се лета на релација Скопје-Дубаи-Скопје (од 30 март), исто како и Скопје-Барселона-Скопје (од 30 јуни), додека, по три пати неделно ќе се лета Скопје-Лион-Скопје (од 30 јуни) и Скопје-Штутгард-Скопје. Летот Скопје-Дубаи ќе биде со компанијата „Флај Дубаи“, додека останатите три со „Визер“.

На охридскиот аеродром, новина се линиите Охрид-Базел-Охрид која ќе лета два пати неделно и редовната линија Охрид-Истанбул-Охрид (од 30 март) која ќе лета четири пати неделно. За линијата Охрид-Базел задолжена е „Визер“, додека за Охрид-Истанбул „Туркиш Ерлајнс“.

Во зимскиот период од скопскиот аеродром оперираат 38, а од охридскиот четири дестинации.