По речиси една година откако беа укинати по два воза дневно на релација Скопје – Битола – Скопје, ЈП „Македонски железници“ ги враќа истите линии на поаѓање и доаѓање. Исто така, повторно се враќа бесплатното патување за младите и пензиониерите со воз, пракса што беше прекината за време на пандемијата со Ковид-19, пишува новинската агенција Мета.
Укинувањето првично се случи во октомври минатата година, каде што се укинаа по два воза дневно на релацијата Скопје-Битола-Скопје, и остана само еден пар возови дневно.
Во меѓувреме Железница набавуваше резервни делови за сервисирање на кинеските дизел локомотиви кои собрааќаа на оваа дестинација.
Според новата одлука на Владата од пред 10-тина сите млади лица до 27 години, студенти и средношколци секоја прва и трета недела во месецот за време на викендите ќе можат бесплатно да го користат железничкиот превоз кон сите дестинации во државата каде што има воз.
Исто така, за пензионерите, односно за сите жени над 62 години и мажи над 64 години оваа мерка ќе важи секој втор викенд во месецот.
Иако не се знае точно кога, според информации од „Македонски железници“, од април се вратени возовите кои сообраќаа на релација Битола-Скопје-Битола. Според возниот ред: од Скопје кон Битола воз поаѓа во 6:53 часот наутро, попладне во 14:30 часот и 20:05 часот навечер. Од Битола кон Скопје продолжува да сообраќа единствениот кој беше останат, тој што поаѓа во 3:14 часот наутро. Вториот Битола-Скопје поаѓа во 12:47 часот на пладне и последниот воз од Битола тргнува во 18:23 часот попладне.
Од мај 2021 година се укинати возовите на релациите Скопје-Кичево-Скопје и Скопје-Кочани-Скопје, нема информации за нивно враќање. Минатата година беа укинати и сите возови на релација Скопје-Куманово-Табановце-Скопје, а исто така укинат е и брзиот воз Скопје-Приштина-Скопје.