Универзитетското студентско собрание (УСС) на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) ја избра новата постава, а нов претседател е Александар Николовски од Економски факултет.
Новиот студентски лидер на УКИМ за Радио МОФ вели дека моментално е на мастер студии по монетарна економија, финансии и банкарство – а себеси се карактиризира како финансиски соработник и едукатор, активен спортист, но и љубител на читањето, градинарството и готвењето.
Првичните заложби во мандатот му се поголема координација меѓу универзитетското сообрание и факултетските сообранија, како и соработка со останати вакви тела по други универзитети, дома и во странство. Понатаму, да се формира комисија за студентски стандард, која досега ја немала и ќе се бори за правата на студентите заедно со студентските правобранители.
Николовски со програмата ја истакнува потребата од практична настава во текот на зимскиот период за студентите каде е потребно, заедно со факултетските сообранија и кариерниот центар на УКИМ.
Исто така, поголема дигитализација, нова веб-страна на УСС УКИМ, враќање на студентскиот медиум, како и формирање студентски хор и бенд.
Претседателот на УСС УКИМ најавува активности што ќе ја зголемат физичката активност и психичкото ментално здравје на студентите. Во план се поголеми студентски конференции, кои би се одвивале по градови низ Македонија и ќе се работи на теми со повеќе факултети, односно интердисциплинарни конференции, а во меѓувреме и на хакатони, работилници, обуки.
Изинативе години видовме како УКИМ паѓа или стагнира на меѓународните рангирања, но што може УСС УКИМ да направи за да се подигне квалитетот на образованието?
А.Н: УСС-УКИМ првично ќе даде предлог за мерење на квалитетот на наставата кај професорите. Бидејќи, не знам колку таа се извршува квалитетно, па може да биде на повисоко ниво. Понатаму, (УСС-УКИМ) кај студентите да поддржува развој и изработка на научно-истражувачка дејност со импакт фактор. Односно, дел од средствата предвидени од буџетот ќе бидат наменети за развивање научно-истражувачката дејност, бидејќи тоа носи поголемо рангирање. Исто така, ќе дадеме апел УКИМ да ги мотивира професорите повеќе да пишуваат стручни трудови, бидејќи рангирањето се зголемува и со такви објави во меѓународни списанија.
Дигитализацијата е вечната тема што се споменува од година во година. Факултетите како да тапкаат во место по ова прашање, иако студентите постојано се бунат дека се губи време со непотребна документација. Како би го подигнале нивото на дигитализација?
А.Н: Најголемиот проблем лежи во законот кој наложува архивско работење на факултетите. Пример, секој студент треба да достави пријава, образец и заверка. Но, сега ќе има измени на Законот за високо образование, има предлози, па заедно со ректорката ќе изработиме решенија за проблемот со дигитализација. Барем во делот на пријави, обрасци и заверки, а потоа и во финално укинување на индексот во физичка форма. Студентска легитимација треба да си постои за музеи, културни центри, но индексот треба да се води онлајн. Процесите да бидат многу поедноставени за нас и професорите.
Веројатно да нема многу чекања, редици…
А.Н: Реално, кај нас (на Економски) не се чека толку многу, како пример на ФИНКИ, бидејќи таму се многу студенти. Но, како и да е, за самото работење, плаќање во банка и слично – се губи време, а времето е драгоцено и може да се искористи на поинаков начин. Секако ќе работиме на тоа поле, бидејќи е една од клучните цели во мојата програма.
Можеби ќе притиснете за конечно да почне реновирањето на студентските домови – „Кузман“ кој е затворен две години и за „Стив Наумов“ – што беше ветено дека ќе започне во втората половина на 2023 година?
А.Н: Како што ќе направиме координативен состанок за исплатата на стипендиите, доколку има потреба ќе одиме средби со Владата, се’ со цел да притиснеме пред да се случат изборите, бидејќи не верувам дека тогаш ќе се грижат за студентскиот стандард. Барем реално да се почне со обновата. Секако, како тело ќе бидеме активни за да се спроведуваат овие процеси, бидејќи првата и основна работа за студентите е да имаат покрив над главата и храна.
Кога сме веќе кај храната, Државниот студентски дом Скопје (ДСД) пред два месеци кажа дека се укинува појадокот во домовите…
А.Н: Аргументот за укинување на појадокот беше поради загуба на залихи. Односно, дека има студенти кои доаѓаат на појадок, а голем дел – не се појавуваат на појадок. Постоеше и иницијатива за апликација, со која студентите уште претходната вечер би се пријавиле кој ќе доаѓа, чисто да се има увид, за готвење на храната, да не се расипува и слично. Но, апликацијата не е изработена, а појадокот е укинат. Затоа ќе направиме притисок појадокот да биде вратен се’ до изработката на апликацијата, затоа што има студенти што сакаат да појадуваат. Затоа и ова ќе биде дискутирано на средбата во МОН.
Во однос на културниот живот на студентите, лани беше отворен Студентскиот културен центар, но пошироката јавност нема увид дали, колку и за што се користи? Има ли воопшто настани, собири, нешто што им е од бенефит на студентите?
А.Н: Со самото формирање на студентскиот хор и студентскиот бенд, како и соработката со студенти по ликовна и драмска уметност, студенти по дизајн и архитектура, студенти кои развиваат некаква креативност… во план ни е да спроведуваме заеднички настани. Пример, во ноември или декември ќе имаме настан каде ќе биде претставена изложба, ќе биде направена и мала претстава, плус и музички дел. Ќе го заживееме културниот центар. Лично сметам дека требаше да има повеќе активности во тековниот период, но давам позитивна мисла, дека од мојот избор ќе се реализираат активности. Бидејќи досега имав вакво искуство и како претседател на Факултетското собрание на Економски фекултет. Знам како е да се организираат студентски настани, треба студентите да се анимираат и мотивираат.
Што е планот со давачките за ИКСА (Информатички, културни и спортски активности), за кои повеќе студенти бараа и нивно укинување?
А.Н: ИКСА-та не е доволно спознаена меѓу факултетските студентски сообранија. Ќе направиме ИКСА-та да биде искористена во најголем дел, односно, уште од сега ќе одржуваме координативни состаноци со факултетските сообранија за да им објасниме како поефикетивно да функционира. Можеби ќе има потреба на пренамена, бидејќи тие се средства кои се аплицираат преку проекти, па… ќе видиме, ќе соработуваме и со ректорката тие средства да можат добро да се искористат.
Мандатот на претседателите на УСС УКИМ е една година. Доволен ли е овој едногодишен педиод, или треба да се работи на негово зголемување за да се истераат сите замислени активности?
А.Н: Со предлозите за измена на Законот за високот образование ќе биде ставено и продолжување на мандатите на телата каде учествуваат студентите, односно во сенаторскиот одбор, како и на претседателот и делегатите, бидејќи, реално, една година е многу краток период. Ние ќе ги завршиме проектите од програмата, меѓутоа на подолг рок, проектите си бараат и поголем мандат. Пример на студентскиот правобранител му е две години, а нас ни е една. Барам две години да ни биде мандатот, тоа би било идеално.
Бојан Шашевски