Ректоратот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола (УКЛО) вчера (25 март) одржа прес-конференција на која се разговараше за перспективите што членството во новоформираната европска универзитетска Алијанса „Колорс“ ги нуди за студентите, за општината, но и за регионот.
Како што информираат од УКЛО, целта е да се зајакне соработката на долг рок, да се зголеми меѓународната видливост и да се промовира мобилност на студентите и истражувачите во Европа.
„Ова вклучува и организација на заеднички студиски програми и посебно е значајно што студентите можат активно да учествуваат. За првпат се овозможува полагање предмети на еден од деветте универзитети членки на Алијансата и на крајот да се добие двојна или тројна диплома, во зависност од предметите и универзитетите на кои студентите полагале“, истакна Игор Неделковски, ректор на УКЛО.
Според него, УКЛО е првиот и засега единствен македонски универзитет што е дел од европска универзитетска алијанса и што се именува како европски универзитет.
Студентскиот лидер на Универзитетот, Борис Гушевски, нагласи дека студентите се главен фактор во сите тела и главен корисник на ефектите на „Колорс“ и дека студентските претставници биле интегрирани во неговото јадро. Воедно, го искажа и своето задоволство што е студент на УКЛО, сега и во иднина, заради перспективите што сега ги нуди универзитетот.
Исто така, од УКЛО посочуваат дека студиските програми на Универзитетот се соодветни на европските и, според нив, тоа е главната предност наспроти другите универзитети во Македонија.
Дополнително, беше претставена и методологијата за имплементација на овој проект од проф. д-р Јове Димирија Талевски, проректор и проектен координатор. Тој посочува дека во Алијансата се поврзани 130.000 студенти и 12.500 вработени.
На конференцијата градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, наведе дека вклучувањето на Битола како асоциран партнер во Алијансата е голема чест и одговорност, а влегувањето на УКЛО во семејството на европски универзитети е исклучително важно и многу значајно за Битола.
Инаку, УКЛО настапува како супстанцијален дел од европската универзитетска Алијанса „Колорс“ заедно со уште осум други универзитети од Германија, Франција, Шведска, Шпанија, Италија, Полска, Литванија и Хрватска, со што е единствен член кој се наоѓа во земја надвор од ЕУ.
Фото: УКЛО