Украинскиот претседател, Владимир Зеленски, соопшти амбициозен план за садење една милијарда дрвја низ земјата во следните три години за да се обноват „белите дробови на планетата“, пренесе Еуроњуз.
Оваа изјава доаѓа неколку дена по завршувањето на климатските преговори кои се случија на КОП26 климатскиот самит во Глазгов.
Заедно со 27-те држави од ЕУ, Украина се надева дека ќе може да посадат околу три милијарди дрвја во следната декада.
Дрвјата природно го апсорбираат јаглерод диоксидот, гасот кој се создава од согорувањето на фосилни горива како нафтата и јагленот. Научниците сметаат дека шумите претставуваат огромен јаглероден резервоар кој ја одзема топлината од заробениот јаглерод диоксид во земјината атмосфера.
Сепак, дел од експертите се скептични во успешноста на оваа цел.
„Ова е апсолутно нереално во поглед на местото и тајмингот планиран од претседателот. Тие мораат да садат 10 дрвја или 200 садници во секунда, така што тоа не е технички возможно“, вели украинскиот експерт за биодиверзитет, Богдан Протс.
Со површина од нешто преку 600.000 квадратни километри Украина е втора најголема држава во Европа, помала само од Русија, ако се земе нејзината територија во целост. Според експертите, околу 16 проценти од украинската териоторија е покриена со шуми, а потребни се уште три до четири проценти повеќе за да се ублажат климатските промени.