Двајца новинари кои работеле за американската телевизија Фокс Њуз се убиени во војната во Украина, потврдија од телевизиската мрежа.
Станува збор за 24-годишната украинка Олександра Кувшинова, украинска новинарка која работела за телевизијата и 55 годишниот американски камерман Пјер Закзевски. Тие биле убиени кога нивниот автомобил бил погоден во вчерашната престрелка во Хоренка, на периферијата на главниот град Киев.
Во нападот бил ранет и нивниот колега Бенџамен Хал, кој бил пренесен во болница.
„Пјер беше воен фотограф кој беше вклучен во речиси сите меѓународни известувања за Фокс Њуз, од Ирак и Авганистан до Сирија“, изјави директорката на Фокс Њуз, Сузан Скот.
Новинарката за национална безбедност на Фокс Њуз, Џенифер Грифин, за Кувшинова рекла дека станувало збор за „талентирана новинарка“ и дека „нивната загуба не може да се каже со зборови“.
Нивната смрт доаѓа откако во неделата беше убиен 50-годишниот американски новинар и филмаџија Брент Рено, кој беше застрелан во градот Ирпин, во близина на Киев.
Според шефицата за човекови права на украинскиот парламент, Људмила Денисова, најмалку два други украински новинари исто така се убиени во војната.