Историскиот центар на украинскиот пристанишен град Одеса е прогласен за светско наследство од Агенцијата за култура на Обединетите Нации – УНЕСКО и покрај противењето на Русија.
Од УНЕСКО соопштија дека нивната одлука ја признава „извонредната универзална вредност“ на локацијата.
Зборувајќи по гласањето, директорката на УНЕСКО, Одри Азулај, изјави дека прогласувањето на градот како светско наследство е важен чекор.
„Ова е прв симболичен аспект со кој се појаснува дека градот припаѓа на светското наследство и дека е од важност за сите нас, дека сите го препознаваме и дека сите ја признаваме неговата историја и придонесот за светското наследство. Тоа е важен симболичен момент“, рече таа.
Азулај потенцираше дека оваа одлука значи и дека сите членки на конвенцијата, меѓу кои се наоѓа и Русија, имаат обврска да не прават намерно уништување на оваа локација.
Делови од Одеса исто така беа додадени на листата на загрозено светско наследство, за кои УНСЕКО обезбедува пристап до техничка и финансиска помош.
🔴 BREAKING!
Just inscribed on the @UNESCO #WorldHeritage List & World Heritage in Danger List: Historic Center of the Port City of Odesa – #Ukraine🇺🇦 pic.twitter.com/2e9NUbed0E
— UNESCO 🏛️ #Education #Sciences #Culture 🇺🇳 (@UNESCO) January 25, 2023
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја поздрави одлуката, додавајќи дека е благодарен на партнерите кои помагаат во заштита на овој светски бисер од руските напади.
Русија, пак, го критикуваше овој потег, нарекувајќи го „политички мотивиран“.
Позната како „бисерот на Црното Море“, Одеса беше неколку пати бомбардирана откако Русија изврши инвазија врз Украина. Минатата година жителите на овој град беа принудени да ги штитат спомениците и зградите со вреќи песок.
Дополнителни седум други градови во Украина се наоѓаат на листата на светско наследство на УНЕСКО, меѓу нив и катедралата Света Софија во главниот град Киев, како и историскиот центар на Лавов, град на западот на земјата.