Пулицеровите награди за 2022 година ги наградија новинарите во Украина со специјална награда во која се слави „храброста, истрајноста и посветеноста на точно информирање“ кои ги покажале од почетокот на руската инвазија.
Од одборот на Пулицеровите награди напишаа: „И покрај бомбардирањата, киднапирањата, окупацијата и дури и починати во нивната служба, тие продолжија во нивниот напор да обезбедат точна слика на ужасната реалност, во чест на Украина и на новинарите од целиот свет“.
„Одборот на Пулицеровите награди е пресреќен што го доделува ова признание на новинарите од Украина за нивното храбро, истрајно и посветено точно информирање за време на безмилосната инвазија на Владимир Путин врз нивната земја и неговата пропагандна војна во Русија“, изјави Мејџори Милер, администраторка на Пулицеровите награди.
Според Комитетот за заштита на новинарите, најмалку седум новинари, меѓу нив и тројца од Украина, беа убиени по почетокот на руската инвазија на 24 февруари.
Минатата година Пулицеровите награди дадоа вакво специјално признание и за новинарите од Авганистан, кои известуваа за влијанието кое долгогодишната војна го имаше на нивната земја и граѓани.
Наградата за „јавна служба“ за 2022 година ја доби весникот Вашингтон Пост за известувањето за нападот на американскиот конгрес на 6 јануари 2021 година. Наградата за „вонредни вести“ ја добија новинарите од Мајами Хералд за нивното известување за рушењето на комплексот „Чемплеин Тауерс Саут“, додека наградата во категоријата „истражувачко новинарство“ ја добија новинарите Кори Џонсон, Ребека Вулингтон и Ели Мареј од Тампа Беј Тајмс за нивното истражување кои разоткрија токсични опасности во единствената фабрика за рециклирање батерии во Флорида.
Целосната листа на добитниците на Пулицерова награда може да ја погледнете на следниов ЛИНК.