„Улица љубов“ – изложба на слики од Ване Костуранов

Овој четврток (12 март) со почеток во 20 часот, во галеријата на МКЦ во Скопје, ќе биде отворена изложбата на еден од најистакнатите македонски ликовни уметници од младата генерација, Ване Костуранов, насловена “Улица љубов”.

Изложбата ќе ја отвори поетот Никола Маџиров.

„Куќите на Ване Костуранов изгледаат природно надвор од симболите на градот, надвор од природните синџири на урбаната законитост. Во неговите животворни улици, куќите се вертикали на присуството во потрага по свој дом“, вели Маџиров за делата на Костуранов.

Ване Костуранов е роден во 1979 година во Струмица. Активно се занимава со сликарство петнаесетина години. Учествувал на повеќе групни изложби, а одржал и девет самостојни претставувања.