Уличниот уметник Jamie Mitchel Kosse, попознат како Jamie Hef, ја тужи поп-пејачката Kiesza поради тоа што прикажала негови графити во нејзин музички спот.
Во видеото за песната „Hideaway“, кое инаку било номинирано за МТВ-наградите во 2014 година, канадската пејачка е прикажана како игра пред неколку ѕидови на кои има графити, а еден од нив е токму дело на Hef. Тој вели дека пејачката свесно им дала важно место на неговите дела во спотот, за да си го зголеми „уличниот кредибилитет“. Спотот веќе има преку 260 милиони прегледи на интернет, од кои повеќе од 40 милиони на Youtube.
„Резултатот создава погрешна импресија дека тужителот ја поддржува Kiesza, а тој не го прави тоа. Исто така, се создава и погрешна претстава дека тој дозволил да се користат неговите високо препознатливи дела за да ја промовира кариерата на пејачката“, пишува во тужбата.
Сепак, правниците велат дека е прашање дали некој воопшто може да полага авторско право на уметност која е на туѓ посед, а со тоа и дали тужбата е легитимна. И покрај ова, тужбите кои се однесуваат на графити се прилично чести во последните години, а компании како American Eagle, Starbucks и Moschino веќе се вмешани во слични тужби.