Фрустриран од огромна улична дупка во градот Бангалор, индискиот визуелен уметник Бадал Нанџундасвами се одлучил на оригинален чекор – тој создал верен модел на крокодил и го „населил“ во дупката, во своевидна уметничка интервенција во јавниот простор.
Властите цел месец не ја поправале речиси четириметарската дупка во улицата, а уметникот со ова сакал да ги натера да интервенираат. Тој потрошил околу 100 долари за да го направи моделот на крокодил, во природна големина.
„Секој има потенцијал да се изрази себеси на свој сопствен начин. Ова е мојот начин да ја искомуницирам својата поплака“, изјавил Нанџундасвами откако го поставил крокодилот во неговиот нов „дом“ и ја обоил дупката со бои кои потсетуваат на мочуриште.
Дупката во улицата била создадена откако пукнала водоводна цевка, а се влошила со доаѓањето на сезонските монсунски дождови. Потегот на уметникот успеал – само еден ден подоцна, се појавиле работници за да ја пополнат огромната дупка на улицата.