„Лагата може има разни пакувања, таа се завива во обланда, се шара, се украсува и се прави сѐ за таа да изгледа што поубава, но сепак таа на крајот останува само лага. Затоа неретко за многу работи велиме дека се ‘шарени лаги’“.
Водени од оваа констатација и со желба колку е можно покреативно да ги предупредуваат граѓаните за постоењето и штетните последници од лажните вести, Центарот за современи уметности (ЦСУ) ја креираа уметничката акција „Лицидерски колачиња и лажни вести – слатки лаги и горчлива вистина“, преку која ја третираат и потенцираат важноста на темата на лажните вести кои нѐ опкружуваат и влијаат на нашите ставови и перцепции.
„Во оваа акција изборот на предлошката односно лицидерското срце и колаче воопшто не е случаен. Овие ‘колачиња’ кои на големо се изработувале во периодот од крајот на 18 век па наваму во западна Европа, централна Европа и на Балканот имале за цел да привлечат интерес и да ги залажат купувачите да купат нешто што им е непотребно бидејќи лицидерските колачиња во минатото иако биле ‘колачиња’ не можеле да се јадат од причина што содржеле гипс за можат долго време (некогаш и со години) да ја задржат својата форма и колорит и всушност само се викале колачиња а биле ритуални сувенири и играчки“, истакнуваат од ЦСУ.

Фото: Центар за современи уметности
На овој начин, потенцираат тие, сакаат да ја истакнат паралелата помеѓу шарената лага која, велат, е добро позната и вкоренета во колективната меморија на нашите простори и лажните вести кои се присутни насекаде околу нас и често оневозможуваат цели групи и знаедници да ја видат вистината, заслепувајќи ја јавноста со шарени лаги спакувани во лажни вести на кои наседнуваат голем број граѓани.
„Како уметничка и културна организација ние во Центарот за современи уметности сметаме дека користејќи ја уметноста и уметничкиот израз кој има моќ да влијае на перцепциите и емоциите на публиката, креативноста и уметноста треба поактивно да се вклучат во борбата против лажните вести кои одвнатре го нагризуваат нашето општеството насочувајќи ги граѓаните кон погрешни заклучоци“, велат тие.

Фото: Центар за современи уметности
Акцијата во своето обраќање, како што посочуваат од Центарот, до публиката потенцира дека лажните вести се креираат со цел да ја дезинформираат јавноста и да ги наведат луѓето на погрешни заклучоци и водат кон поларизација на општеството со цел да се предизвикаат поделби и конфликти, ширење паника, намалување на довербата во медиумите, политичка манипулација но и да се влијае врз јавното мислење.
Делото е со димензии 500 х 200 х 300 см и е поставено во јавен простор во центарот на Скопје на локацијата на малиот сквер кај Ким во порта Буњаковец.

Фото: Центар за современи уметности