Минувачите на улицата „Македонија“ во главниот град денес налетаа на уметничка герила акција. Таа се состоеше од испружени алишта, на кои имаше пораки поврзани со заштитата на лични податоци – на крпа пишуваше „Не ги п(р)остирајте вашите лични податоци“, на маица имаше нечија лична карта, а можеби најпроминентен дел од акцијата беше огромен пар гаќи на кој пишува „Покриен газ никој не го плука“.
Акцијата е поставена од Центарот за современи уметности, кој претходно има поставувано разни социјално ангажирани уметнички акции низ градот.
„Преку оваа акција, користејќи го едноставниот народен јазик и острата мисла на народниот творец раскажана во едноставната синтагма, сакаме да потсетиме дека еднакво како што ги криеме ‘срамните’ делови на нашето тело треба да ги криеме и нашите лични податоци. На овој начин сакаме да влијаеме на јавноста и на граѓаните да ја развијат свеста и да ја разберат сериозноста на потребата за чување на сопствените лични податоци“, велат од Центарот за современи уметности.
Од Центарот потенцираат дека сѐ повеќе граѓани се жртви на злоупотреба на нивните лични податоци.
„Во полесните случаи ефектите од злоупотребата на личните податоци се сведуваат на пренатрупаност преку мејл, Вибер, СМС и слични пораки на електронските уреди. Во посериозните случаи, граѓаните за жал остануваат со празни банкарски сметки исплаќајќи разни претплати за кои никогаш не се согласиле. А во екстремни случаи на злоупотреба на нивните податоци враќаат брзи кредити“, велат оттаму.
Погледнете ја претходната уметничка акција од Центарот за современи уметности, во која „марсовци“ ги „скенираа“ институциите за го видат нивното ниво на корупција.
[Видео] Герила акција: Марсовци скенираат и се борат против корупцијата во Македонија