Уметничка инсталација „Земјата е рамна плоча, а глобалното затоплување е мит“ како акција посветена на борбата против дезинформациите е поставена денеска на плочникот на трговскиот центар „Бисер“ во општина Аеродром, во организација на Центарот за современа уметност.
„Кога ќе се спојат уметноста и дезинформациите, како феномен на кој овие простори паѓаат на испит, тогаш го добиваме уметничкиот поглед на Маја Танева, уметница која ги разложува овие дезинформации и го негира нивното постоење. Социјалните мрежи се полни со лажни вести кои го негираат глобалното затоплување и климатските промени. Нападнати сме од дезинформации во кои глобалното затоплување, а неретко климатските промени се опишуваат како светски заговор и нешто што не постои, туку само треба да ги застрашува луѓето“, велат од Центарот.
Оттаму додаваат дека тогаш на сцената стапува „уметноста на факти“ на Танева, која тргнува од наједноставниот лажен наратив од оваа тематика, прочуените приказни дека Земјата е рамна плоча, за преку визуелно едноставен и експлицитен модел да ја заинтересира публиката не само за темите на глобалното затоплување и климатските промени, туку низ таа уметност, да ги разоткрие дезинформациите и лажните вести.
„Во оваа акција на Танева се земени и обработени седум од десетте најексплицитни и научно докажани факти, кои го потврдуваат глобалното затоплување и постоењето на климатските промени, кои за жал, се случуваат пред нашите очи“, посочуваат тие.
Фактите во инсталацијата се превземени од списанието „Национална географија“ и се однесуваат на зголемувањето на глобалните температури, покачувањето на нивото на морето, зголеменото ниво на јаглерод диоксид, повлекување на глечерите, промените во рутите на миграцијата на дивиот свет, одмрзувањето на вечниот мраз и сите останати природни проблеми со кои се соочува човештвото.
„Вечниот мраз во поларните региони се топи, ослободувајќи метан, моќен стакленички гас, во атмосферата. Ова го забрзува глобалното затоплување и може да предизвика значителна инфраструктурна штета во тие региони“, додаваат од организацијата.
Инаку, инсталацијата е изработена во рамките на проектот „Дезинформации – креативно замаглување на умот“, што зеднички го спроведуваат Центар за современа уметност, СКУП – Центар за истражувачко новинарство и Националното радио „Канал 77“.