Уметничко-кураторскиот проект „Градот како сцена: Изведување на јавниот простор“ ќе се одржи вечерва (16 октомври) со почеток во 19 часот на Архитектонски факултет -УКИМ Скопје.
Во рамки на настанот ќе се одржат предавање и разговор на тема „Градот е јавност – Приказна за шетачката“ (19 часот), како и изложба на процес на работа во рамки на Лабораторијата за просторно изведувачки практики (21 часот). Настанот ќе се заокружи со музички перформанс на бендот „Алембик“.
Дел од предавањето и разговорот на тема „Градот е јавност – Приказна за шетачката“ ќе бидат: Софија Григораиду (кураторка – МСУ Скопје), Владимир Јанчевски (куратор – МСУ Скопје) и Филип Јовановски (Архитектонски факултет УКИМ Скопје). Други учесници се Мартина Пенева, Екатерина Николовска, Крсто Глигорјадис, Ивана Самандова, Димитар Милев, Екатерина Добривојевска, Марија Аризанковска и Катарина Томиќ.
Предавањето и разговорот ќе се фокусираат на краток историски преглед на терминот „шетач“ (фленер/fleneur), како и кураторска рефлексија на новиот перформативен истражуваки проект „Градот е јавност“.
„Градот е јавност“ претставува еден од серијата јавни настани/интервенции во јавен простор развиени во рамки на едукативната платформа ‘Градот како сцена: Изведување на јавниот простор’. Работата се надоврзува на неколкугодишното истражување и работа на интердисциплинарниот уметник и архитект Филип Јовановски во рамки на програмските активности на организацијата ‘Факултет за работи што не се учат – ФРУ’ во насока на истражување на јавни простори и подоцна продукција на истражувачки перформативно – театарски проекти (претстави/интервенции) за истите тие простори.
Овој проект следи како надоврзување на работата на „ФРУ“ во објектите и јавните простори како Железничка зграда, Универзална сала, Македонска пошта, објектот Домче, ГТЦ и плоштад „Македонија“ во Скопје.
„Оваа платформа, преку создавање активности, кои најчесто имаат перформативен завршеток, има за цел да истражува различни медиуми и нивната интердисциплинарна конекција – визуелна уметност, архитектурата, театар, видео, филм и просторни инсталации. Пристапот и методата на работа, исто така, ја истражува уметничката изразност и потенцијал и во областа на сценографијата, како и нејзиното проширено значење, често артикулирано низ новите/современи дефиниции на терминот сценски дизајн, ‘нова’ дисциплина која обединува во себе повеќе уметнички медиуми и создава комплексен (сценски) простор на доживување. Исто така, една од идеите на овој проект е поврзувањето на просторот/архитектурата, градот и театарот/сцената и како од сето тоа да се извлече приказна, која подоцна ќе прерасне во изведба (интервенција) во јавен простор“, објаснуваат од „ФРУ“.
„Градот како сцена: Лабораторија за просторно изведувачки практики“ е насловена изложбата што ќе почне во 21 часот. Креативниот тим за продукција и изложбен концепт на овој проект се на Димитар Милев, Екатерина Добривојевска, Ивана Самандова, Бојана Вуковојац, Марија Аризанковска и Катарина Томиќ.
Лабораторијата за просторно изведувачки практики „Градот е сцена“ претставува интердисциплинарна платформа, која во својот фокус го има истражувањето, разбирањето и создавањето на современиот јавен (изведбен) простор преку експериментален, процесен и колаборативен пристап.
„Покрај вклученоста на студентите и граѓаните во работа што претставува основа за градење на содржината на проектите со кои ќе се занимава лабораторијата, ваквиот пристап овозможува и можност за активирање на соработка со разни институции на државата и локалната самоуправа, но и проектни соработки со слични колективи од регионот и од Европа, кои веќе имаат остварено значителни успеси во процесите на одржување и надградување на вредностите поврзани со дискурсот на јавното во градовите“, додаваат од „ФРУ“.
Вечерта ќе заврши со музичко-просторна интервенција на „Алембик“.
Бендот беше дел од музичката композиција продуцирана во рамки на проектот „Градот сцена II – приказна за шетачката перформативна инсталација“ на 48. МОТ, како дел од павилјонот на Република Северна Македонија на Прашкото квадриенале за перформанс дизајн и простор во 2023 година со наслов „Градот како сцена: Изгубени (модернистички) утопии“.
„Овој пристап на работа е започнат со долгорочниот проект ‘Кога зградите би зборувале’ (2014 – ) каде во фокус на работата беше урбаната заедница (станарите) во киното на Железничка зграда (јавен простор) во Скопје, проект кој беше претставен во рамки на Прашкото квадриенале за дизајн на перформанс и простор (PQ2019), добитник на главната награда ‘Златна Трига’ со следното образложение: „Оваа изложба е повеќеслојна заедничка работа која ги спојува многуте форми на сценографии: простор, сцена, изложба, меморија, заедница и комуникација. Тоа покажува како перформансите активираат изложбен простор, како дизајнот поттикнува наратив и сценографијата станува активизам во и надвор од политичкиот контекст“, изјавија од „ФРУ“.
Проектор е во организација на Асоцијација за култура и уметност: „Факултет за работи што не се учат –ФРУ“/„АКТО фестивал“, а партнери се Архитектонски факултет – УКИМ Скопје, Институт за уметност и театар од Чешка – Прашко квадриенале за дизајн на перформанс и простор (PQ), ЗК/У-Берлин – Институт за уметност и урбанизам – Берлин, Факултет за драмски уметности – УКИМ Скопје, ГЕТЕ Институт – Скопје.
Проектот е поддржан од Програмата за култура на Швајцарска амбасада во Република Северна Македонија.