Музичарот и уметник Pablo Carlos Budassi успеал да смести сé што знаеме за универзумот во еден илустриран логаритмички приказ на видливото во вселената, со Сончевиот систем во средина.
Околу Сончевиот систем кружат внатрешните и надворешните планети, облакот Оорт, ѕвездата Алфа Кентаур, Млечниот пат, галаксијата Андромеда, други блиски галаксии, космичката мрежа, космичката микробранова радијација, и невидливата плазма создадена од Големата експлозија на самите краеви.
Мапата на Budassi се заснова на логаритмички мапи од универзумот направени од истражувачите на Princeton University, како и слики од NASA направени од нивните телескопи и летачки објекти.
Логаритмичките мапи се практичен начин да се визуелизира нешто огромно како она што можеме да го видиме од универзумот. Тимот на Princeton ги објави во Astrophysical Journal во 2005 година, а повеќето од нив можат да се разгледаат и преземат овде.
Иако се многу практични, логаритмичките мапи не се многу интересни за човечкото око, па Pablo Carlos Budassi решил да направи нешто визуелно побогатo. Добил идеја да направи ваква мапа во огромен круг додека правел хексафлексагони за роденденска забава на неговиот син, пишува Science Alert.
„Додека цртав хексафлексагони за украсување на роденденската забава на син ми, почнав да цртам мапи со централна перспектива на космосот и Сончевиот систем“, вели Budassi. „Тогаш ми дојде идејата за логаритмичка мапа, и наредните денови успеав да ја склопам мапата со Photoshop, користејќи фотографии на NASA и некои делови кои сам ги создадов“, додава.