„Уметникот и диктатурата“ – ликовна изложба во „Белата ноќ“

Уметникот и диктатурата“ е насловот на големиот проект, дел од ликовната програма на годинешната манифестација „Бела ноќ“, која е во организација на Младинскиот културен центар.

Стотици ликовни дела од македонски автори од педесеттите години до денес, в сабота ќе бидат изложени пред скопската публика. Изложбата „Уметникот и диктатурата“ ќе биде поставена во Музејот на град Скопје, Kултурно-информативниот центар, Младинскиот културен центар и во Чифте амам, во Старата скопска чаршија.

„Уметникот и диктатурата“ - ликовна изложба во „Белата ноќ“

Структурата која била понудена од поканетите куратори: Ивана Васева, Филип Јовановски и Јованка Попова и која беше прифатена, подразбираше повеќемесечни истражувања на ликовното творештво во земјава во периодот од 50-те години на минатиот век до денес, а како материјал се користеа архивите и документацијата на четири институции: Националната галерија на Македонија, Музејот на град Скопје, Младинскиот културен центар и Културно-информативниот центар. Концептот вклучува и соработка со Музејот на современа уметност, при што по повеќемесечни преговори и дадена согласност за соработка, а поради тековните активности во институцијата како и интензивните подготовки околу отворањето на големата постојана поставка, раководството одлучи да не учествува во овој проект.

 

КОНЦЕПТОТ НА „МОРАШ!“

Историчарот на уметност Миклавж Комељ во својот текст по повод предавањето во рамките на тригодишната тематика под наслов „Тоталитаризам“ во Автономниот културен центар Метелкова во Љубљана во 2008 год. раскажува како бил повикан и како одлучил да биде дел од овој проект, во коj не зборува само за уметноста туку го гледа неговото учество како политички чин. Тој раскажува: „Лидија Радојевиќ ми рече: „Мораш“. Се разбира, тоа беше она што го посакував: потполно конкретна објективност на волјата која одлучува и нѐ спасува од колебањето при изборот.
Зошто ние одлучивме да бидеме дел од проект кој мораше да се реализира под одреден и конкретен наслов и тоа во време во кое силните идолошки позиции го наметнуваат преиспитувањето на зборот диктатура кој се чини досега бил врзан само со некое друго време?
Се чини дека Комељ е во право, понекогаш волјата која одлучува и не спасува од колебање е мотиваторот кој пошироко ни ги отвора усните, во силен нагон да испуштат звук.
Овој проект не претендира да биде целосно истражување кое ќе даде дефинитивен одговор на нештата. Тој е почетен имплус кој ги отвора вратите на размислување за тоа што е слобода на израз, каков однос имаме кон минатото и колку ни се одврзани рацете во спровeдувањето на своите идеи?

ИЗЛОЖБА НА АРХИВИТЕ НА ИНСТИТУЦИИТЕ
Зашто архиви на институции?

Институциите сеуште имаат примат и главен збор во функцинирањето на веќе сложената ликовна матрица во земјава. Она што е направено во институција се бележи и проследува не само од медиумите туку и од пошироката публика. Како опозит на тоа, независната културна сцена добива второстепено значење, ретко и многу слабо финансирана, маргинализирана и најчесто игнорирана, проследена само од „својот вид“. Оттаму, овој проект стремеше да види што е направено во самите институции во текот на шест декади, која е политиката на секоја институција посебно и како секоја институција се справувала и сеуште се справува со механизмите на моќ и контрола во текот на овој голем временски период.

Идејата беше секој директор да предложи двајца вработени во самата институција и преку соработката и заедничкото истражување со кураторите да се види што е создавано во неа. После многу преговори, расправи и дискусии со директорите и тропање на вратите на повеќе вработени кустоси, истражувачи и историчари на уметност, стигнавме до оваа искристализирана свесност.

Архивата од една страна како што вели Charles Merewether е едно од најзначајните средства преку која историското знаење и меморија се собрани, зачувани и запаметени трагите и сведоштвата од настани како што се Втората светска војна и произлезените конфликти, појавата на постколонијалната ера и падот на комунизмот. Секој настан испровоцирал повторно преиспитување на авторитетот кој и е даден на архивата. Таа не повеќе гледана како неутрална, транспарентно место на податоци туку како оспорен/предизвикувачки субјект и медиум сам по себе. Оттаму, што е запаметено кај нас и како го градиме својот однос кон сегашноста?

СЛОБОДА ИЛИ ДИКТАТУРА?/ ДРЖАВНО НАРАЧАНА СЛОБОДА (state commisioned freedom)

Се чини дека за да се прави изложба од архивите и документацијата на националните и градските институции во Скопје е преголем залак но уште поголем е да се структурира во одредена тема како што е зададената, Уметникот и диктатурата. Токму поради тоа, ко-кураторите вклучуваат дела кои не секогаш се дел од архивите на институциите, но се во релација со зададената тема.

Најпрво, истражувањето покажа дека институциите немаат однос кон документацијата на својата програма (а камоли создавање на архива) што го покажува и фриволниот однос кон продукцијата на културата, минатото и градењето на некаква силна продукција која се темели на мотивот, инспирацијата и творечкиот нагон на претходните креатори. Архива е пресилен збор бидејќи во одредени институции воопшто и да нема никаква а ако има одредена документација тогаш е правена на иницијатива на поединци кои понатаму ја третираат како лична архива.

Другиот проблем е како нешто толку дисперзирано да се вцврсти во одредена тема, за која се сечат многу копја. Се покажа дека зборот диктатура е преопасен и претежок, не само затоа што учесниците се од различни генерации туку и затоа што самиот поим варира во значењето во одредени периоди.

Покрај сите напори, кураторскиот тим одлучи да го разгледува односот меѓу уметникот и системот/ите, во конотација на тоа како поединецот се соочува со својата околина како и тоа како околината реагира на она што е продуцирано. Од друга страна, и како поттекст на ова е идејата за државно нарачаната слобода која го наметнува прашањето, што е свесно допуштано да се случува во секоја институција која неминовно си влече со себе и друга агенда и репутација. И како трет момент е она што е создавано во потесните кругови, на кое често пати се премижувало/а и кое е најчесто етикетирано како младешки подвизи кои брзопотезно завршуваат.