„Умник“ – нов месечен културен гласник на студентите од Факултетот за ликовни уметности

Студентите од Факултетот за ликовни уметности (ФЛФ) вчера со промотивен настан го претставија своето книжевно првенче, „Умник“ – студентско културно списание.

Списанието, прво од ваков тип во последните неколку години, има за цел да ја промовира културата во земјава вклучувајќи настани, рецензии за уметнички дела од разни области, како и конкретни дела од студентите и интервјуа со уметници.

„Бевме инспирирани од уметничкото списание од 90-тите, ‘Промо арт’ каде по тоа што го видовме се забележува дека е многу слободно, токму така како што уметноста треба да се манифестира без премногу ограничувања и правила“, вели Марија Јаќовска, апсоловент на Факултетот за ликовни уметности и една од уредниците на првиот број.

Замислата е „Умник“ да излегува еднаш месечно, а потребата за тоа потекнува од, како што вели Јаќовска, долгите години колективна неактивност на студентите на ФЛФ.

„Факултетот многу години стагнира кога станува збор за студентски активности што се надвор од предавањата и оттука сфативме дека би било добро да имаме некаква инцијатива во врска со тоа. Така, со помош на Универзитетот и студентското собрание добивме прилика за ваков тип на проект, а со тоа и да си помагаме и понатаму како уметници, да се промовираме и да се вежбаме во области што се надвор од она што го студираме“, забележува студентката.

Фото: Радио МОФ

Месечникот во овој број вклучува поезија, информатор за тековни културни настани во ноември, интервју со уметникот Стефан Младеновски, постери и дела на студентите по уметност и рецензии за книга и филм, а на последната страна има и стрип.

На стрипот е претставено како дошло до идејата за наслов на списанието или како што рече Јаќовска, тоа било спонтано додека една студентка предложила да биде зборот умник што реферира на забот умник.

„Постерите на средина се од графики од депоата на факултетот што ги имаме фотографирано со апарат. Тие се дела од сите студенти што некогаш биле на овој факултет“, истакнува Јаќовска.

На другите страници има текст од студент за историја на уметност, а понатаму желба им е да има и критика на уметност. Рецензиите вметнати во првиот број се од културните здруженија „Култура Бета“ и „Interchange 5“, а понатака, како што посочуваат од редакцијата на „Умник“, ќе се стремат да соработува со останатите културни младински здруженија што поддржуваат уметност од било која област.

Уредниците ги повикуваат сите заинтересирани да им „пријдат“ и да праќаат стрипови или рецензии и текстови што сакаат што сакаат да ги најадат на страниците во следните броеви.

Културното списание може да се набави во кафе-книжарницата „Буква“.

Ангела Бошкоска