Пандемијата посилно ги погоди работните места на жените со што ја покажа нивната поголема ранливост. Процентот на жени кои добиле надоместоци за невработеност се зголеми од 52% на 56% во октомври 2020, како резултат на поголемиот број на загубени работни места од страна на жените.
Ова е еден од заклучоците на најновиот извештај поддржан од канцеларијата на UN Women во Северна Македонија „Буџетски одлуки за време на пандемија: унапредување или попречување на родовата еднаквост“, кој дава преглед на економските случувања во земјата пред и за време на пандемијата предизвикана од КОВИД-19 за 2020 година.
„Целта на извештајот е да се испита ребалансот на буџетот и да се мапираат кратењата и реалокациите на буџетот преземени од Владата на Северна Македонија како одговор на кризата, со фокус на секторите кои се од големо значење за родовата еднаквост. Извештајот дава заклучоци и секторски препораки за пазарот на труд, женското претприемништво, земјоделството и социјалната заштита“, соопштуваат од UN Women.
Меѓу другото, извештајот посочува дека во 2020 година процентот на жени учеснички во активните програми на пазарот на трудот се намали на 43,8% во споредба со 52,5% во 2019, додека за мажите се зголеми на 56% споредено со 47,5% во 2019.
„Дополнително, процентот на жените кои добиле помош за самовработување (да отпочнат сопствен бизнис) во 2020 (30,9%) се намали во споредба со претходната година (33,3%), а на мажите се зголеми на 69,1% во споредба со 68% во 2019“, стои во извештајот.
И покрај тоа што критериумите за добивање на гарантирана минимална помош биле променети за да се обезбеди поширок опфат на корисници, процентот на жени кои ја примиле оваа помош остана ист како и во 2019 година (35% од вкупниот број домаќинства), додека вкупниот број на корисници на гарантирана минимална помош се зголеми за 14%.
„Кризата предизвикана од КОВИД-19 ги откри главните слабости во системите за управување и ги зајакна веќе постоечките нееднаквости, погодувајќи ги жените и мажите на различен начин. Имајќи ги предвид родовите нееднаквости во економијата, постои опасност дека последиците од пандемијата ќе ја влошат економската положба на жените, особено од ранливите групи“, велат од UN Women.
Во обновата на нашата иднина, дополнуваат тие, постојат можности да пружиме одговор на постоечките родови нееднаквости.
„Користењето на родово-одговорното буџетирање во процесите на креирање политики и буџети, особено во време на пандемија, е клучна алатка за унапредување на родовата еднаквост“, констатираат од UN Women.
Овој извештај е изработен во рамките на проектот на UN Women „Промовирање на родовo одговорни политики и буџети: кон транспарентно, инклузивно и отчетно управување во Република Северна Македонија“, финансиски поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка и Шведската агенција за меѓународна соработка и развој – Сида, и е дел од регионален извештај на UN Women.