Четири од пет девојки и жени кои биле жртви на онлајн родово – базирано насилство не го пријавиле случајот во полиција. Главни причини за нивниот молк се неинформираноста за тоа каде и како можат да пријават вознемирување и следење на интернет, но и недовербата дека институциите ќе им помогнат.
Овие наоди се дел од истражувањето спроведено во рамки на проектот „Сузбивање на сексуално и родово-базирано насилство во дигиталната сфера“, кој го спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) со финансиска поддршка на Министерството за надворешни работи на Јужна Кореја.
„Пријавив по електронски пат на црвеното копче на интернет страницата на Министерството за внатрешни работи и прикачив соодветни докази. Истата пријава ја испратив преку е-порака до МВР и до Центарот за социјални работи бидејќи стануваше збор за малолетни сторители и за малолетна жртва. Во повратната е-порака пишуваше дека ќе се откријат идентитетите на сите лица. Соработката помеѓу министерството и центарот траеше подолго време, но на крај се постигна задоволителен исход“, го пренесува своето искуство една од испитаничките во анкетата, која одлучила да го пријави насилството.
Надлежен за решавање на овие случаи е Секторот за компјутерски криминал во Министерството за внатрешни работи. Сите жртви на онлајн насилство кои ќе се соочат со демнење, вознемирување, родово-базиран говор на омраза, споделување лични содржини на интернет без согласност можат да го пријават случајот во најблиската полициска станица или на електронската адреса cybercrime@moi.gov.mk.
„Во борбата против онлајн родово-базираното насилство треба да придонесат сите засегнати страни, вклучувајќи ги надлежните институции, граѓанските и меѓународните организации, локалните заедници, но и жените кои веќе претрпеле ваков тип насилство. Потребно е да се воведат измени во правната и институционалната рамка, со цел да се препознаат различните форми технолошки овозможено родово-базирано насилство, но и да се зајакнат меѓусекторската соработка и ефикасноста на институциите во обезбедувањето заштита на жртвите на овој тип насилство“, вели Армен Григорјан, постојан претставник на УНДП.
Во рамки на проектот „Сузбивање на сексуално и родово-базирано насилство во дигиталната сфера“, се организираше првата специјализирана обука за зајакнување на капацитетите на вработените во институциите надлежни за превенција од сексуална експлоатација и вознемирување на интернет. Првата група обуки опфати повеќе од 30 учесници, меѓу кои полициски службеници, јавни обвинители, даватели на услуги од центрите за социјална работа и претставници на граѓански организации.
Со цел зголемување на свеста за присутноста на родово – базираното насилство на интернет и едукација како да се препознаат и превенираат ваквите случаи, УНДП ја спроведува кампањата „И онлајн насилството остава лузни“. Во рамки на кампањата ќе се објават неколку видеа во кои се пренесуваат реални сведоштва на жртви на родово – базирано насилство на интернет.