Обединетите нации (ОН) објавија извештај во кој се наведува дека во 2022 година, повеќе од 100 милиони луѓе биле принудени да ги напуштат своите домови поради конфликти, насилство или катастрофи, но овие луѓе ретко биле на насловните страници во светските медиуми, пренесува Ал Џазира Балканс.
„До 2050 година, климатските промени би можеле да принудат повеќе од околу 216 милиони луѓе да ги напуштат своите домови, да ги остават зад себе своите сегашни животи и средства за живот и да се преселат во побезбедни области“, се вели во извештајот на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).
Во текот на 2021 година пак, присилно раселени во нивните земји биле 59.1 милиони луѓе.
„Меѓутоа, тоа беше пред војната во Украина и другите настани што се случија оваа година. Само војната во Украина создаде уште 6.5 милиони раселени луѓе“, рече Лука Ренда, висок советник во ОН.
Во извештајот се нагласува дека оваа невидлива криза е предизвикана од недостатоци во развојната поддршка.
Истовремено, во извештајот се наведува дека се потребни долгорочни развојни акции за да се сменат рекордните нивоа на внатрешно раселување, при што се предвидува дека ќе бидат раселени уште милиони луѓе поради климатските промени.
Внатрешно раселените лица се борат да ги покријат своите основни потреби, да најдат пристојна работа, да имаат стабилен извор на приходи, здравствени услуги и можност за образование на своите деца. Најмногу страдаат жените, децата и другите маргинализирани категории на население.
Анализата за извештајот беше изведена од податоците обезбедени од Центарот за следење на внатрешно раселување (ИДМЦ) од Колумбија, Етиопија, Индонезија, Непал, Нигерија, Папуа Нова Гвинеја, Сомалија и Вануату.