УНДП: Повеќе од 60% од жените во земјава барем еднаш се соочиле со онлајн насилство

Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) започнува кампања насловена „И онлајн насилството остава лузни“ со цел да се подигне свеста за присутноста на проблемот, но и да се зголеми степенот на едукација за тоа како да се препознае и да се пријави сексуалното насилство на интернет.

Оттаму истакнуваат дека сексуалното вознемирување и следење на интернет и јавното споделување интимни содржини без дозвола се најбрзо растечки форми на родово-базирано насилство. Од УНДП додаваат дека повеќе од 60% од жените во земјава барем еднаш се соочиле со онлајн насилство, додека една од десет жени е жртва на злоупотреби на интернет секој ден.

Кампањата, како што посочија, главно ќе се одвива на социјалните мрежи и ќе се обрати на младите, со посебно внимание кон жените и тинејџерките, затоа што, како што додаваат, сите истражувања и податоци укажуваат дека припадничките на оваа возрасна група се најчести жртви во случаите на технолошки овозможено родово-базирано насилство или онлајн насилство.

„Родово-базираното насилството на Интернет не е виртуелно. Последиците од него се реалност со која се соочуваат многу млади, а особено девојки и жени. Иако, често пати, е невидливо за останатите, остава длабоки лузни кај жртвите. Време е да го препознаеме овој проблем и да почнеме да се справуваме со него затоа што безбедноста на интернет е право, а не привилегија. Интернетот треба да биде сигурен простор за сите без разлика на нивниот род, возраст, место на живеење или степен на образование“, вели Армен Григорјан, постојаниот претставник на УНДП.

Анкетата што ја спровеле од УНДП во пресрет на кампањата, покажала дека дури 70% од жените кои биле жртви на онлајн насилство, не го пријавиле случајот.

„Токму затоа, кампањата на УНДП ќе има посебен фокус на едукација на граѓаните за тоа што сè претставува технолошки овозможено родово-базирано и сексуално насилство, но и како и каде може да се пријави“, велат од УНДП.

Технолошки овозможено родово-базирано насилството е секоја форма на нарушување на приватноста, демнење, вознемирување, родово-базиран говор на омраза, споделување лични содржини без согласност, сексуална злоупотреба заснована на фотографии или видеа, неовластено навлегување во компјутерски систем, кражба на идентитет и директно насилство, објаснуваат од Програмата за развој на Обединетите нации

Секој ваков случај, жртвите можат да го пријават во најблиската полициска станица или на cybercrime@moi.gov.mk.