УНЕСКО го прогласи Стразбур за Светска престолнина на книгата за 2024

Организација за образование, наука и култура на Обединетите Нации (УНЕСКО) го избра Стразбур за Светска престолнина на книгата за 2024 година.

Ова е првпат еден француски град да ја добие оваа титула која започна да се доделува од 2001 година.

Во соопштението на УНЕСКО се вели дека биле импресионирани од фокусот што Стразбур го става на книгите како средство за справување со предизвиците на социјалната тензии и климатските промени.

„Во несигурни времиња, многумина се свртуваат кон книгите како прибежиште и како извор на соништа. Навистина, книгите ја имаат таа уникатна способност истовремено и да не едуцираат и да не забавуваат. Затоа мора да се осигураме дека секој треба да има пристап до знаење и рефлексија низ книгите и читањето. Токму затоа, секоја година УНЕСКО одредува светска престолнина на книгата. По Гвадалахара во 2022 и Акра во 2023 година, пресреќна сум што можам да соопштам дека Светска престолнина на книгата за 2024 ќе биде Стразбур“, изјави Одри Азулај, генералната директорка на УНЕСКО.

Од организацијата додаваат дека една од главните причини за изборот на Стразбур е што градот ја нагласува можноста книгите да охрабрат дебата и дискусија за еколошките грижи и научните факти, фокусирајќи се пред се` на младите, како носители на промените.

Градовите кои се избрани како Светска престолнина на книгата на УНЕСКО прифаќаат да ги промовираат книгите и читањето за сите возрасти и категории граѓани во своите граници и надвор од нив, како и да организираат програма со активности во текот на годината.

Стразбур е 24-ти град кој е прогласен за Светска престолнина на книгата од 2001 година. Прв град со оваа титула беше Мадрид, а досега во оваа улога беа и: Александрија, Њу Делхи, Антверпен, Монтреал, Торино, Богота, Амстердам, Бејрут, Љубљана, Буенос Аирес, Ереван, Бангкок, Порт Харкурт, Инчон, Вроцлав, Конакри, Атина, Шарџа, Куала Лумпур и Тбилиси.

Оваа година Светска престолнина на книгата е мексиканскиот град Гвадалахара, а следната 2023 е главниот град на Гана, Акра.