УНЕСКО, организацијата за образование, наука и култура на Обединетите нации, најави дека планира да создаде прв виртуелен музеј на украдени културни артефакти со цел да ја подигне јавната свест за уникатната важност на културното наследство.
Овој виртуелен музеј ќе биде развиван заедно со Меѓународната полициска организација Интерпол, чија база на податоци за културни објекти украдени од музеи, колекции и археолошки локалитети опфаќа повеќе од 52.000 артефакти, пренесува Гардијан.
„Зад секое украдено дело лежи делче од историјата, идентитетот и човештвото кое е одземено од нејзините чувари, недостапно за истражувања и во ризик да биде заборавено“, изјави генералната директорка на УНЕСКО, Одри Азулај.
Посетителите ќе можат да се движат низ виртуелниот простор кој ќе содржи детални 3Д слики од артефактите, а секој од овие предмети ќе доаѓа заедно со материјали кои ќе ја објаснуваат нивната уникатна културна важност, заедно со приказни и сведочења од локални заедници.
„Нашата цел е овие дела да се вратат под светлината на јавноста и да се врати правото на општествата да пристапуваат до нивното наследство, да го имаат тоа искуство и да се препознаваат себеси во него“, додава Азулај.
УНЕСКО засега не дава информации кои предмети ќе влезат во првичната колекција, најавувајќи дека овие податоци ќе бидат споделени непосредно пред отворање на музејот.
Виртуелниот музеј треба да чини 2,5 милиони долари и треба да се отвори во 2025 година.
Конвенцијата на УНЕСКО од 1970 година за забрана и превенирање нелегален увоз, извоз и продажба на културна сопственост бара од државите потписнички да преземат мерки за спречување на трговијата, која според Интерпол се` повеќе се смета за организиран криминал.