Отстранување на дивите објекти на брегот на Охридското Езеро и во заштитеното подрачје на градот, целосна забрана за градба, усогласување на урбанистичките планови со Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион, заштита на старата градска архитектура, отстранување на урбаната опрема околу значајните знаменитости во градот и сончевите колектори од куќите во Стар Град, се само дел од забелешките во најновиот обемен Извештај на УНЕСКО.
На забелешките испишани на 200 страници, исто така, УНЕСКО бара да се ограничи и издавањето на дозволи за градба согласно Планот за управување со регионот и ќе каже дека во Стар Град не може да се поставуваат тенди, настрешници и останати реквизити со кои се нарушуваат визурите околу знаменитите објекти од културно историското наследство, конкретно посочувајќи ги тендите на летните тераси околу црквата Света Софија.
УНЕСКО бара и реконструкција на пешачката патека која го поврзува каналот „Студенчишта“ со „Горица 1“, бидејќи оценката е дека се прекинале природните врски меѓу езерото и блатото со што бил загрозен живиот свет.
Извештајот за состојбата со заштитеното природно и културно наследство на Охридскиот Регион е доставен до институциите во земјава, а деновиве се очекува да го добие и Општина Охрид.
Еколозите долго време алармираат дека Охрид ќе се најде на листата на заштитени подрачја во опасност, што би значело и користење на стручна помош, искуства и механизми на УНЕСКО.