Венеција и Будимпешта би можеле да бидат ставени на листата на УНЕСКО на загрозено светско наследство, а трговското пристаниште во Ливерпул може да се отстрани од оваа листа, поради пребрзиот развој, објави организацијата на Обединетите нации за образование, наука и култура, пренесува „Н1“.
Препораката на советодавните тела на УНЕСКО беше објавена во очи на состанокот на Комитетот за светско наследство, кое ќе се одржи од 16 до 31 јули во Фужоу, Кина, на кој ќе се одлучува за евентуално прифаќање на овие препораки.
Влијанието на масовниот туризам во Венеција е еден од критериумите поради кои УНЕСКО побара градот да се стави на оваа листа.
Во однос на Будимпешта пак, погодени се бреговите на Дунав и областа на замокот Буда, дворскиот комплекс на унгарските кралеви, каде се наведува дека ненавременото рушење и големата изградба на особено високи згради ја менуваат природата на тие историски места.
Меѓу предлозите за вклучување во листата на загрозени места се најде и големиот корален гребен во близина на Австралија поради неговото нарушување предизвикано од климатските промени.
Во однос на трговското пристаниште во Ливерпул пак, одлуката на УНЕСКО може да биде уште посилна бидејќи се работи за предлог за целосно тргање на тој објект од листата на светско наследство.
Според УНЕСКО, големиот проект за развој на пристаништето, наречен „Ливерпул вотерс“, ќе има големо негативно влијание врз историските градби. И покрај повеќекратните предупредувања на УНЕСКО, развојот на проектот не запре.