Унгарските власти го отпуштиле метеорологот од државната метеоролошката агенција и заменикот, откако пред два дена погрешна временска прогноза го одложила огнометот за одбележување на државен празник, пренесува „Еуроњуз“. Огнометот бил одложен поради временската прогноза која предвидела бура што никогаш не се случила.
Корнелија Радикс и Гула Хорват од Националната метеоролошка станица биле отпуштени од страна на министерот за технологија и индустрија Лазло Палковик.
Соопштението за отказите пристигнало еден ден откако провладините медиуми ја искритикувале метеоролошката станица, чие предвидување за бура и силен ветер предизвикала откажување на празничниот огномет.
„Тие дале погрешна информација за лошо време, која предизвикала организацијата да го откаже настанот“, напишал еден од локалните унгарски медиуми.
Во 2006 година, празничните прослави станале денови на жалост откако силна бура убила пет лица и повредила неколку стотици жители, што предизвикало паника кај милиони луѓе кои се собрале да ја гледаат националната прослава.
Од Националната метеоролошка станица објавиле и официјално извинување, во кое истакнале дека „непредвидливоста е постојан фактор во метеоролошката дејност“.
Инаку, националната прослава со огномет била најавена како најголемата во Европа, а требало да слави „1 милениум од унгарската држава“. Прославата била презакажана за на 27 август.
Во јули годинава, опозицијата повика прославата да се откаже, велејќи дека е „непотребно трошење на пари“ во време кога унгарскиот премиер Виктор Орбан бара од луѓето економски жртви поради кризата.