Спиење на јавни места во Унгарија ќе биде забрането од денеска, а полицијата ќе има дозвола да ги отстрани бездомниците од улиците и да ги уништи засолништата што ги изградиле.
Законот за бездомништво, кој го забранува „секојдневното живеење на јавен простор”, беше усвоен од страна на парламентот во јуни и беше критикуван како „суров”. Според легислативата усвоена во 2013 година, да се биде бездомник беше казниво со парична казна.
Според државната секретарка за социјални прашања Атила Фулоп, целта е „да се осигураат дека бездомниците не се на улица во ноќно време и дека граѓаните можат да го користат јавниот простор непречено”. Казната за луѓе кои се предупредени четири пати во рок од 90 дена е затвор или до шест месеци отстранување од улица.
Експертите велат дека Унгарија има најмалку 20.000 луѓе кои спијат на јавен простор, а има само 11 000 места во државните засолништа.
Владата на премиерот Виктор Орбан изјави дека ги зголемуваат финансиските средства за згрижување на бездомниците, но меѓународните организации и унгарските групи за човекови права го осудија новиот закон.
Во јуни, експертот за домување на Обединетите Нации, Леилани Фарха, го нарече законот „суров и не е во согласност со меѓународното право за човекови права”.
Минатиот месец Европскиот парламент гласаше да започне правна постапка против владата во Унгарија, откако во извештајот на ЕП, меѓу другото, се вели дека третманот на Унгарија кон нејзините бездомници придонел за „јасен ризик од сериозно кршење” на вредностите на ЕУ.