Унгарија на неодредено време ги суспендира барањата за азил, со изговор дека одлуката се прави за да се намали ширењето на Ковид-19 коронавирусот.
Според Гералд Кнаус, основач на тинк-тенкот Иницијатива за европска стабилност, коронавирусот е само изговор на премиерот Орбан за да се ограничи правото на азил во Унгарија, пренесува Еуроњуз.
„Орбан пресмета дека повеќето европски држави во моментов се понаклонети да се откажат од битката за правата на азил. Со таа логика, ова е најдобро време е да се сврти меѓународната дебата и да се ослободи од сите обврски во врска со човековите права“, вели Кнаус.
Суспендирање на процедурите за азил воведе и Грција, засега на еден месец.
„Нашиот Национален совет за безбедност одлучи да се зголеми нивото на подготвеност на нашите граници на максимум. Отсега нема да примаме нови барања за азил во период од еден месец. Се повикуваме на членот 78 став 3 од Договорот за функционирање на Европската Унија за да добиеме целосна европска поддршка“, напиша на Твитер, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.
Според Алберто Алемано, професор по европско право на Универзитетот ХЕК во Париз, грчката суспензија претставува кршење на евроспките закони за азил и меѓународното хуманитарно право преку креирање механизми без преседан, кои најверојатно ќе ги осудат оние кои заслужуваат азил на депортација или смрт.
Според професорот, Грција преку оваа одлука се обидува политички да ја ограничи темата на миграцијата, слично со потезите кои ги правеше Матео Салвини во Италија. Кнаус од Иницијативата за европска стабилност пак е попесимистичен:
„Ако прогласите вонредна состојба и граѓаните ве поддржат, националните и меѓународните судови стануваат многу слаби. Унгарија веќе покажа дека знае како да ги игнорира осудите кои доаѓаат од Европа. Политичарите денес мора да демонстрираат повеќе од било кога дека е можно да се заштитат границите без откажување од заштитата на човековите права“, вели тој.