Унгарија повеќе не е целосно функционална демократија, сметаат членовите на Европскиот Парламент во необврзувачка но високо симболична резлолуција.
Наместо тоа земјата треба да се смета за „хибриден режим на изборна автократија“ во која изборите се одржуваат редовно но без почитување на основните демократски норми.
„Постои се` поголем консензус меѓу експертите дека Унгарија повеќе не е демократија“, стои во извештајот на европратениците, во кој се цитираат низа меѓународни индекси кои последниве години го уназадуваат статусот на Унгарија.
Во резолуцијата европратениците прстот го вперуваат директно во премиерот Виктор Орбан, кој е на власт од 2010 година и ја осудуваат неговата влада за „намерно и систематско“ уназадување од главните вредности на ЕУ.
Пратениците се загрижени за долгата листа на човекови права кои сметаат дека се под закана, меѓу кои и изборниот систем, независноста на судството, приватноста, слободата на говорот, медиумскиот плурализам, академската слобода, ЛГБТИК права и заштитата на малцинствата и барателите на азил.
Во декларацијата истовремено се критикуваат и ЕУ институциите за тоа што дозволиле ваквото назадување да се случи без контрола.
„Изразуваме длабока загриженост дека недостатокот на одлучни чекори од ЕУ придонесоа за распаѓањето на демократијата, владеењето на правото и основните права во Унгарија, претварајќи ја земјава во хибриден режим на изборна автократија“, се наведува во декларацијата.
Текстот беше усвоен со големо мнозинство. За него гласаа 433 европратеници, 123 беа против, а 28 беа воздржани.