УНХЦР: Се отвора Глобалниот бегалски форум каде ќе се бараат решенија за проблемите на бегалците

УНХЦР соопштува дека глобалниот бегалски форум се одржува секои четири години и е најголемата меѓународна конференција за теми поврзани со бегалците. Глобалниот бегалски форум 2023 се случува во Женева, Швајцарија, од 13 до 15 декември и ќе се обиде да ја насочи меѓународната дискусија кон решенија наместо кон кризи.

Настанот има за цел да ги насочи чинителите да изнајдат решенија за проблемите на бегалците и да ги поддржи целите на Глобалниот договор за бегалци што беше потврден од Генералното собрание на Обединетите нации во декември 2018.

„Учесниците – вклучувајќи ги државите, приватниот сектор, меѓународните финансиски институции, агенциите на ОН, хуманитарните и развојни организации, градовите и локалните власти, невладините организации, организациите водени од бегалци, верските групи и други – ќе го прегледаат напредокот направен од првиот Глобален бегалски форум во 2019 навака и ќе направат конкретни заложби и придонеси за да ги подобрат животите на 36,4 милиони бегалци низ светот“, велат од УНХЦР.

Од таму посочуваат дека придонесите кон Глобалниот бегалски форум можат да бидат во многу форми: финансиска, материјална или техничка помош, вклучувајќи квоти за преселба во трета држава и други начини за прием, овозможувајќи подобро екипирани држави да ја споделат одговорноста за бегалците; како и мерки да ги поддржат заедниците кои ги примаат, да спречат конфликти и да градат мир.

Организациите можат да дадат поединечни заложби или да ги комбинираат напорите како групи.

„Некои од светските водечки компании, фондации и филантропи ќе бидат претставени на Форумот, со што ќе ја потенцираат важната и повеќестрана улога на приватниот сектор во поддршката на бегалците. Овие чинители веќе прават клучен придонес кон животоспасувачката помош и одржливите решенија. Придонесот од приватниот сектор вклучува директна поддршка за претприемачите бегалци и тие од заедниците-домаќини, како и организациите водени од бегалци; обезбедувањето можности за работа и стекнување вештини; бесплатни правни и консултантски услуги, како финансиски услуги, решенија за зелена енергија и дигитално учење“, соопштува УНХЦР.

За време на Форумот, 32 организации од ОН и 49 државни тимови на ОН ќе потпишат „Заедничка заложба на ОН 2.0“, со што ќе се заложат да ги поддржуваат државите кои се домаќини на бегалци со вклучувањето на бегалците во државните планови, буџети и системи за пристап до услуги – како образование, здравство, вода и санитарни услови, домување и социјална заштита, но и пристап до пристојна работа.

„Вклучувањето на бегалците на истото ниво како државјаните е клучно – најмалку додека тие да можат безбедно да се вратат дома. Исто така, тоа е економично решение за транзиција од хуманитарна помош, особено во продолжени ситуации, во исто време зголемувајќи ја самоодржливоста и отпорноста на бегалците“, стои во соопштението на УНХЦР.

Инаку, заеденички домаќини на настанот се УНХЦР, Агенцијата на ОН за бегалци и Владата на Швајцарија, додека форумот е заеднички свикан од Колумбија, Франција, Јапонија, Јордан и Уганда.

Фото: УНХЦР