УНХЦР: Да нема апатија и недејствување, бројкaта на раселени лица до мај се искачи до 120 милиони

Присилното раселување се искачи на највисоко ново ниво во светот минатата и оваа година, според годишниот Извештај од 2024 за глобалните трендови, клучна публикација на УНХЦР, Агенцијата на ОН за бегалци.

Од УНХЦР велат дека растот во глобалното присилно раселување – на 120 милиони до мај 2024 година – беше дванаесетто последователно годишно зголемување и е резултат на нови конфликти и на конфликти кои се менуваат, како и на неуспехот да се најде решение за продолжените кризи. Бројката на светската раселена популација е еднаква на дванаесеттата најголема држава во светот, околу големината на Јапонија.

Како што велат од УНХЦР, клучен фактор што ја зголемува бројката е раозрниот конфликт во Судан: на крајот на 2023 година, кога вкупно 10,8 милиони Суданци беа раселени.

„Во Демократската Република Конго и Мјанмар, милиони луѓе беа внатрешно раселени минатата година заради брутални борби. УНРВА проценува дека до крајот на минатата година, до 1,7 милиони лица (75 отсто од популацијата) беше раселена во Појасот Газа како резултат на катастрофалното насилство, од кои најголемиот број беа палестински бегалци. Сирија останува најголемата криза на раселување во светот, со 13,8 милиони присилно раселени лица внатре и надор од државата“, соопштува УНХЦР.

Од таму посочуваат дека зад овие страшни и растечки бројки се кријат безброј човечки трагедии.

„Тоа страдање, мора да ја поттикне меѓународната заедница да делува итно за да ги отстрани причините на присилното раселување“, рече Филипо Гранди, Високиот комесар на ОН за бегалци. „Крајно време е завојуваните страни да ги почитуваат основните закони на војувањето и меѓународното право. Факт е дека без подобра соработка и заеднички напори за да се решат конфликтите, прекршувањата на човековите права и климатската криза, бројките на раселени лица ќе продолжат да растат, а со тоа ќе носат и нови маки и скапи хуманитарни акции“, посочува тој.

Најголемото зголемување во бројките на раселување доаѓа од луѓето кои бегаат од конфликт, а остануваат во сопствената држава, број кој се искачи на 68,3 милиони лица според Центарот за мониторинг на внатрешното раселување – повисок за речиси 50 отсто за пет години.

„Бројот на бегалци и други на кои им е потребна меѓународна заштита се искачи на 43,4 милиони, вклучувајќи ги лицата под мандатите на УНХЦР и УНРВА. Најголемиот дел од бегалците се згрижени во држави од нивното соседство, а 75 отсто од нив живеат во држави со низок и среден приход кои заедно произведуваат помалку од 20 отсто од светскиот приход“, забележува УНХЦР.

Извештајот покажа дека низ светот повеќе од 5 милиони внатрешно раселени лица и 1 милион бегалци се вратиле дома во 2023 година. Овие бројки покажуиваат некој напредок кон подолготрајни решенија. Позитивно е дека преселувањата во трета држава се зголемија на речиси 160.000 во 2023 година.

„На бегалците – и на заедниците кои се нивни домаќини – потребни им се солидарност и подадена рака. Тие можат и придонесуваат кон општествата каде што се вклучени“, додаде Гранди. „Еднакво важно, минатата година милиони луѓе се вратија дома, што претставува важен зрак надеж. Решенијата постојат – гледаме држави како Кенија кои го предводат патот на вклучување на бегалците – но, потребна е вистинска посветеност“.

Извештајот исто така нуди нова анализа на климатската криза и како таа забрзано и непропорционално влијае на присилно раселените луѓе.

„Имајќи ги на ум огромните предизвици со кои се соочуваат 120 милиони присилно раселени лица прикажани во Извештајот за глобалните трендови, УНХЦР останува цврсто посветен на својата заложба да обезбедува нови пристапи и решенија за да им помогне на лицата кои се присилени да избегаат од своите домови, каде и да се“, се вели во соопштението на УНХЦР.