„Таа е на ред“, е насловот на новиот извештај од Агенцијата на Обединетите Нации за бегалци (УНХЦР), во кој се открива дека веројатноста девојчињата бегалци да се запишат во средно училиште е дури двојно помала од таа за нивните машки врсници, иако девојчињата сочинуваат половина од популацијата бегалци на училишна возраст.
Пристапот до образованието е основно човеково право. Сепак, за милиони жени и девојчиња во растечката популација на бегалци во светот, образованието останува копнеж, а не реалност.
За сите деца бегалци во светот, училишните врати се далеку потешки за отворање отколку за нивните врсници кои не се бегалци. А за девојчињата бегалци, место во училницата е уште потешко да се најде – и да се задржи. Како растат, девојчињата бегалци се соочуваат со повеќе маргинализација, а родовиот јаз се зголемува уште повеќе во средните училишта.
„Време е меѓународната заедница да ја препознае неправдата што ја претставува одземањето на образованието од девојчињата и жените бегалци. Овие наоди се глобален повик за будење и ве повикувам сите да ни се придружите во нашиот повик: „Таа е на ред “, вели Филипо Гранди, Висок комесар на ОН за бегалци.
Извештајот на УНХЦР открива дека социјалните и културните конвенции често предизвикуваат момчињата да се приоритизираат повисоко од девојчињата за присуство во училиште. Лошите услови како недостатокот од соодветни тоалети и залихи за менструален циклус можат да го блокираат пристапот на девојчињата бегалци до училиште. Згора на тој предизвик, чинењето на книгите, униформите и патувањето до училиште можат да бидат пречка за бегалските семејства.
„Изнаоѓањето решенија за предизвиците со кои се соочуваат девојчињата бегалци кога се обидуваат да одат на училиште бара итно дејствување насекаде – од државни министерства за образование до институции за обука на наставници, во заедниците и во училниците. Постојат огромни бариери за надминување. Повикуваме на меѓународни напори за да се променат нештата “, додава Гранди.
За да им се помогне на девојчињата бегалци да добијат квалитетно образование, извештајот на УНХЦР предлага неколку активности и политики кои се и делотворни и можни.
Ако возрасните бегалци можат да работат и да ги издржуваат нивните семејства, поверојатно е дека ќе им дозволат на децата да останат на училиште. Ниту едно девојче не треба да пропушти да оди на училиште бидејќи патот до училиштето е предолг или опасен. На девојчињата бегалци им треба поголема заштита од вознемирување, сексуални напади и киднапирање на патот кон училиштето. Исто така постои итна потреба за вработување и обучување на повеќе наставнички и од заедницата-домаќин и од заедницата на бегалците со цел да се осигура наставниците да промовираат најдобри практики и да спречат однесувања кои би ги одвратиле девојчињата од влегување во училницата.
Извештајот забележува дека за девојчињата бегалци, квалитетното образование носи заштита. Тоа ја намалува нивната ранливост кон експлоатација, сексуално и родово засновано насилство, тинејџерска бременост и детски бракови. Дополнително, ако сите жени добијат основно образование, смртноста кај децата од дијареа, маларија и пневмонија би се намалила.
Образованието исто така зајакнува. Што повеќе девојчињата и девојките продолжуваат со своето образование, толку повеќе развиваат лидерски вештини, претриемништво, самоодржливост и отпорност.
Овие предности јасно ги илустрираат поединците кои се опишани во извештајот – од тинејџерите од Бурунди и Руанда во училиштето Пајсанат Л кое се наоѓа надвор од бегалскиот камп Махама, кои учат заедно и станале добри пријатели, до наставничката Рохинга која ги посветува нејзините вечери на држење часови на новопристигнатите бегалци од таа заедница која бега од насилство во Мијанмар.
„Ако продолжиме да го запоставуваме образованието на девојчињата бегалци, јасно е дека последиците ќе се чувствуваат со генерации. Време е образованието на девојчињата бегалци да го направиме приоритет“, вели Гранди.
Само 61 проценти од децата бегалци имаат пристап до основно образование, споредено со меѓународниот просек од 91 процент. Во средно образование, 23 проценти од бегалците одат на училиште, споредено со 84 проценти на светско ниво.